Сега притисокот врз нас во спорот со Грција е во друга форма и се манифестира преку различни негативни извештаи за Македонија, што истовремено е и обид за изнаоѓање алиби зошто Македонија не влегува во ЕУ и во НАТО. Поточно, тоа е алиби за нивната немоќ и за немањето волја и интерес на големите сили да ја разрешат оваа неправда што ни ја прави Грција. Треба да најдат виновник за тоа – вели премиерот Груевски во интервјуто за „Дневник“. На повикот од СДСМ да одговори зошто досега не ја внел државата во ЕУ и во НАТО, премиерот одговара:
– Не разбирам како СДСМ може да постави вакво прашање кога не цела Македонија, туку цел свет знае зошто Македонија не влезе во НАТО и не доби датум за почеток на преговорите со ЕУ. Единствена причина е што не прифативме промена на идентитетот на Македонците и на името на државата, а и таа промена да е по мера, да не речам по избор на Грција, истовремено одбегнуваат преговори и очекуваат сѐ да биде како што тие бараат. Еве, ако ме повикуваат да одговорам – ова е одговорот, иако тие добро го знаат. Понекогаш се ставам во кожата на нашиот јужен сосед и помислувам што им останува да прават во ваков случај кога имаат лидер на опозиција од другата страна, кој јавно кажува дека тој кога би станал премиер, би го свиткал грбот. Тоа сигурно ги одвраќа од брзо решение и ги наведува да чекаат на некои наредни избори да победи тој и да го свитка грбот. Зошто би брзале? И да ви кажам, од она што го гледам и слушам, многу не им се брза – вели Груевски.
Премиерот оценува дека меѓународната заедница, особено големите сили, не ни помислува да изврши притисок врз Грција за вистински компромис.
– Меѓународната заедница, вклучувајќи ја и ЕУ, не врши притисок врз Грција. Напротив, тие се во фаза на сестрана поддршка на Грција во смисла на нејзино излегување од финансиската криза. Оттука, чувствувајќи го тоа, Грција и не помислува на решение што би било вистински компромис. Големите сили во овој момент не се подготвени за сериозен притисок врз Грција. Можеби се подготвени за мал притисок, но не и за голем. А, без нивна поголема заинтересираност, нема да се реши проблемот бидејќи моменталното раководство на Грција е и тотално дефокусирано од ова прашање.
Од друга страна, притисокот е насочен кон Македонија, но, како што вели Груевски, во друга форма.
– Порано беше директен, сега повеќе индиректен. Сега немаме многу вербални убедувања и притисоци јавни или зад затворени врати како порано. Дури тие што го правеа тоа сега се трудат да изгледаат дека не игнорираат покажувајќи незаинтересираност и замореност од проблемот или барем трудејќи се така да изгледаат. Бараат виновник. Се разбира, нема сами себе да се прогласат за виновни. Не сакаат Грција да ја прогласат и кој тогаш останува ако не ние. Најмалиот во овој триаголник. А, ако утре ги прифатиме грчките ставови за името, сите известувачи нагло ќе го подобрат мислењето за човековите права во Македонија, медиумите, судството итн. ќе кажат дека работите се придвижиле напред во меѓувреме и еве ти нов извештај. Гледајте како го сменија ставот за Србија. Сега таа е реформска земја, а до пред три месеци не беше – вели Груевски.
Во овие притосоци, според Груевски, се меѓународните фактори го користат и ДУИ со закани дека ќе ја напушти владата.
– Ни праќаат абери дека во секој момент може да ја извадат ДУИ од Владата ако така решат и со тоа Владата да падне. Штом така велат, веројатно и можат. Подготвен сум на сѐ.
Во однос на алтернативите што ги има Македонија во една ваква ситуација, премиерот вели:
– Има едно правило што вели дека никој не може да ти помогне толку колку што самиот можеш. Сѐ зависи од волјата за успех. Точно е дека влезот во ЕУ и во НАТО ќе ни помогне во развојот на економијата и ќе се добие поголема перцепција на стабилност на политички план, но и без тоа ние можеме и мораме да одиме напред со многу работа, со постојани промени кон подобро, реформи и подобрувања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.