Такси превозниците ќе немаат обврска за задолжително познавање англиски јазик при добивање лиценца за работа.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески очекува предложените измени во Законот за превоз во патниот сообраќај, со кои се укинува обврската за таксистите за познавање англиски јазик, по поминатата собраниска процедура во прво читање, набрзо да бидат изгласани од пратениците.
Измените, потенцираше ресорниот министер, се прават на барање на такси превозниците.
– Целта е да им ги олесниме условите за работа и да им овозможиме на оние лица кои немаат одреден степен на познавање англиски јазик, а се заинтересирани и компетентни за услугата такси превоз, да се приклучат кон оваа дејност – изјави денеска Сугарески.
Според него, со измените воопшто нема да се доведат во прашање безбедноста во сообраќајот и квалитетот на извршување на такси превозот.
Собранието вчера на предлог на Министерството за транспорт и врски ги усвои измените во Законот во патниот превоз, во прво читање. Законските одредби со кои таксистите добија обврска за задолжително познавање англиски јазик како услов за добивање лиценца беа изгласани во 2013 година, а стапија во сила од почетокот на минатата година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.