| четврток, 6 декември 2018 |

Грчките политичари во хор: Уставот мора да се менува, знае ли Заев што прави?

Промена на Уставот, име кое нема да зрачи иредентизам. Меѓународен договор кој ќе доведе до промена на уставните одредници кои содржат иредентизам. Грчкиот политички врв речиси хорски ги повторува строго зацртаните позиции на Атина, во момент кога преговорите за името влегуваат во својата последна, критична фаза. Грчкиот претседател Прокопис Павлополус сликовито објаснува дека под иредентизам мисли на три работи: не може во никој случај новото име да подразбира промена на границите, не може да упатува на етничка припадност вон границите на ПЈРМ. И трето, не може ова име да упатува на јазик надвор од границите, што би предизвикало малцински права и во оваа област. И на сето тоа го предупредува македонскиот премиер Зоран Заев дека не е свесен во каква опасност влегува кога вели дека би потпишал договор спротивен на македонскиот устав.

– Не може во моментот кога доаѓаат да се договорат за компромисот кон кој и тие се стремат, да ти кажат: овој компромис ќе го направиме, но не можеме сега да го смениме Уставот, ќе го смениме во иднина. Дали е тоа демократска земја? Премиерот на оваа земја не разбира каква опасност предизвикува самиот кога изјавува дека е спремен да потпише еден договор што е спротивен со Уставот? Можете да си замислите некој лидер од Западот, од ЕУ, да кажеше такво нешто? – вели Павлопулос.

И новиот алтернативен министер за одбрана на Грција, Фотис Кувелис објаснува што е потребно да се реши долгогодишниот спор меѓу двете земји. Потребна е одредница на едно име што нема да создава конфузии и секако потребен е еден меѓународен договор што води кон промена на кои било уставни одредби што го потенцираат иредентизмот од страна на ПЈРМ, вели Кувелис и додава дека тоа е негов став, но и став на грчкото Министерство за надворешни работи.

Заев во меѓувреме најави дека во втората половина на овој месец шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас доаѓа во Скопје на средба со министерот за надворешни работи Никола Димитров, а нова рунда за преговарчкиот процес под раководство на медијаторот Метју Нимиц се очекува да биде закажана на крајот на март или почетокот на април. Очекува Коѕијас во Скопје да ја презентира грчката нацрт-верзија за решавање на спорот за името.

– Ја очекуваме првата драфт верзија да дојде со министерот Коѕијас, така е договорено. Нека дојде, имаме право на свои коментари или било што. Ова може да помогне, но може и воопшто да не се разгледува, може да не биде и предмет на разговорите. Сепак, не е на одмет секој развој на идеи кои би се случиле, а би биле од помош да бидат разгледувани од која било страна ако дојдат на маса, рече Заев.

Тој порачува дека и двете страни остануваат на познатите ставови, кои без сомнение се силно спротиставени, но сепак вели дека е оптимист дека е можно решение за деценискиот проблем. На крајот Заев истакнува и дека за преговорите со Грција е можно да се изгради национален консензус иако опозициската ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати порача дека не се согласува со неговата политика на еднострано попуштање, додека Атина од своја страна практично не се се помрднува од почетните позиции.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top