| четврток, 6 декември 2018 |

Мицкоски: Шпекулација е дека ВМРО – ДПМНЕ има договор со власта за враќање во Парламентот

Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека шпекулација е дека неговата партија се договорила со владејачките партии да се врати во Собранието и да се изгласа законот за јазици, а за возврат на тоа да бидат ослободени притворените за случувањата во Собранието на 27 април.

– Оваа шпекулација ја слушам од вас. Апсолутно нема такво нешто, ниту некој зборувал за тоа. Се разбира дека мораме да ја релаксираме политичката атмосфера во државата и опозицијата треба да биде дел од тоа, но, како што велат и претставниците од меѓународната заедница, најодговорна за овозможување демократски амбиент е Владата, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по средбата со претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.

Во врска со синоќешната изјава на претседателот на Собранието Талат Џафери дека амандманите за законот за јазиците не се решение, Мицкоски повтори дека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот – законот за јазици да се повлече и наместо тоа, да се формира работна група со експерти која ќе донесе, како што рече, уставно и применливо решение.

На прашањето како ги оценува протестите за името Македонија, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека неговата партија го поддржува уставно загарантираното право на секој, независно како е политички определен.

Во врска со средбата со лидерот на ДУИ Али Ахмети закажана за во сабота, Мицкоски очекува да разговараат за реалните проблеми и актуелната политичка и економска ситуација во земјата.

– Имаме ние наши факти и аргументи за многу прашања. Ќе видиме како ќе ги презентираме тие факти и аргументи, во насока на подобрување на квалитетот на живот на нашите граѓани зашто тоа е наша основна и елементарна цел – како од оваа земја да направиме подобро место за живеење. Гол популизам и ниски страсти нема да практикуваме во нашата политика, рече Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top