| четврток, 6 декември 2018 |

Вокална магија вечерва со Милан Силјанов

Овој четврток, на 22 февруари во 20 часот, Македонската филхармонија ќе го реализира симфонискиот концерт „Вокална магија“, на кој како солист ќе настапи повеќенаградуваниот бас-баритон Милан Силјанов. Вокалниот уметник од Швајцарија, кој има македонско потекло, за македонската публика ќе изведе избор од фантастичниот циклус песни за глас и оркестар „Магичната хорна на момчето“, од музичкиот гигант Густав Малер. Диригент на концертот е миленикот на музичката публика, маестро Емил Табаков од Бугарија, а на програмата оваа вечер е и експресивната Симфонија бр. 6 од рускиот композитор Дмитриј Шостакович, која се смета за една од неговите највлијателни.

Бас-баритонот Милан Силјанов моментно е член на оперското студио во Баварската државна опера во Минхен, а веќе од следната сезона ќе стане редовен член на солистичкиот ансамбл на оваа престижна германска оперска куќа. Студирал на познатата школа за музика и драма „Гилхол“ во Лондон, на отсекот опера, под менторство на проф. Рудолф Пирнеј. Победник е на престижниот Интернационален натпревар за соло-песна во Лондон (2015), организиран од „Вигмор Хол“, додека во 2014 година Силјанов ги освоил и двете награди – прва награда и награда од публиката на 50. Меѓународен вокален натпревар во Хертогенбош, Холандија. Соработува со светски познатите диригенти Кирил Петренко, Константинос Карјадис, Инго Мецмахер, Дан Етингер и др. Неговите неодамнешни настапи ги вклучуваат улогите: Лепорело во „Дон Џовани“ од Моцарт на Фестивалот во Вербие во Швајцарија, каде што му е доделена наградата „Ив Патерно“ за најистакнат уметник во рамките на Академијата, Антонио во Моцартовата „Свадбата на Фигаро“ и Петер Бесендиндер во „Јованче и Марика“ од Хумпердинк – двете во Операта во Минхен. За неговата улога на Арлекино во операта „Љубопитни жени“ на Волф-Ферари, критиката ќе каже: „Милан Силјанов прекрасно и атрактивно го испеа Арлекин…“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top