Овој четврток, на 22 февруари во 20 часот, Македонската филхармонија ќе го реализира симфонискиот концерт „Вокална магија“, на кој како солист ќе настапи повеќенаградуваниот бас-баритон Милан Силјанов. Вокалниот уметник од Швајцарија, кој има македонско потекло, за македонската публика ќе изведе избор од фантастичниот циклус песни за глас и оркестар „Магичната хорна на момчето“, од музичкиот гигант Густав Малер. Диригент на концертот е миленикот на музичката публика, маестро Емил Табаков од Бугарија, а на програмата оваа вечер е и експресивната Симфонија бр. 6 од рускиот композитор Дмитриј Шостакович, која се смета за една од неговите највлијателни.
Бас-баритонот Милан Силјанов моментно е член на оперското студио во Баварската државна опера во Минхен, а веќе од следната сезона ќе стане редовен член на солистичкиот ансамбл на оваа престижна германска оперска куќа. Студирал на познатата школа за музика и драма „Гилхол“ во Лондон, на отсекот опера, под менторство на проф. Рудолф Пирнеј. Победник е на престижниот Интернационален натпревар за соло-песна во Лондон (2015), организиран од „Вигмор Хол“, додека во 2014 година Силјанов ги освоил и двете награди – прва награда и награда од публиката на 50. Меѓународен вокален натпревар во Хертогенбош, Холандија. Соработува со светски познатите диригенти Кирил Петренко, Константинос Карјадис, Инго Мецмахер, Дан Етингер и др. Неговите неодамнешни настапи ги вклучуваат улогите: Лепорело во „Дон Џовани“ од Моцарт на Фестивалот во Вербие во Швајцарија, каде што му е доделена наградата „Ив Патерно“ за најистакнат уметник во рамките на Академијата, Антонио во Моцартовата „Свадбата на Фигаро“ и Петер Бесендиндер во „Јованче и Марика“ од Хумпердинк – двете во Операта во Минхен. За неговата улога на Арлекино во операта „Љубопитни жени“ на Волф-Ферари, критиката ќе каже: „Милан Силјанов прекрасно и атрактивно го испеа Арлекин…“
За своето потекло…
-По потекло сум Македонец и се чуствувам како Македонец. Сепак, имам и швајцарски пасош, па се чувствувам и како Швајцарец. Тоа за мене воопшто не претставува дилема, затоа што моето срце неуморно чука за двете држави и култури. Како дете, заедно со мајка ми, секое лето ја посетувавме Македонија и нашето семејство. Тоа ни беше посебна традиција, а летните одмори ми дадоа можност да ја запознаам Македонја што повеќе. Дружбата со моите роднини ми овозможи и да го подобрам мојот вокабулар. Секој пат кога доаѓам во Македонја, всушност се враќам дома.
Во четврток настапувате во „Вокална магија“ со Македонската филхармонија. Што претставува ова за Вас?
-Овој настап за мене ќе биде првиот професионален настап во Македонија и морам да кажам дека ми е исклучителна чест да дебитирам во таква прекрасна сала. Со нетрпение очекувам да музицирам со оркестарот и маестро Табаков, и знам дека прекрасниот звук ќе ја изненади и публиката и мене.
Ќе изведете дел од драматично-хумористичните и романтични песни од култниот Малер. Што ќе може да проследи публиката?
-Имам голема страст за романтични песни и композиции од 19. век, особено песни од Шуберт, Шуман и Брамс. Откако почнав да студирам соло-пеење, мојата страст за таков вид на песни растеше. Но, скоро сите песни од тие композитори се за глас и пијано. Малер, пак, од друга страна, ја продолжил традицијата на германските композитори, иако тој почнал да го ‘меша’ гласот со бесконечната акустична боја на оркестарот. Комбинацијата од глас и оркестар во овој пример, за мене е магична! И со текстовите од ‘Магичната хорна на момчето’, Малер нашол поеми што со метафоричниот јазик симболизираат романтизам во најчистата форма. И зборот и музиката директно го допираат моето срце. Се надевам дека и публиката ќе ја почувствува магијата од овој титан што се вика Малер!
Вашите следни настапи по Македонија продолжуваат во Минхен?
-Голема чест ми е ова лето повторно да се вратам на Вербие фестивалот, кај што ќе ја пејам улогата на Принц де Бујон од операта ‘Адриана Лекуврер’, заедно со маестро Гергиев, што ќе биде неверојатно искуство за мене.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.