Нула нови странски инвестиции и нула нови отворени места. Ова е билансот од катастрофалните економски политики на деструктивното и расипничко владеење на неспособниот економски тим на СДСМ. Се друго е лага и фалење со резултатите постигнати во време на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
-Освен празни зборови, на прес конференцијата на Анѓушев и Бектеши јавноста не слушна дека отпочнала со работа макар една компанија која што тие ја довеле да инвестира во Република Македонија. Напротив, СДСМ продолжува проектите на ВМРО-ДПМНЕ да ги претстават како свои. Од тоа што го претставија како нова инвестиција, аргументите велат дека 4 компании се веќе присутни во Македонија и цела година чекаа договор, а неспособната Влада после една година им додели државна помош. Компанијата „Костал“ е веќе постоечки капацитет кој работи и извезува од своите погони во Охрид. Компаниите „Мурат вајаринг систем“, „Чагатај“ и „ВИК“ се компании кои своите одлуки за инвестирање ги донесоа за време на владата на ВМРО-ДПМНЕ и имаат отпочнато процес на изградба на сопствени капацитети. Овие компании повеќе од година дена чекаа договор, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ и се додава:
-Во новите инвестиции нема, ниту една од големите компании од Западна Европа и САД, ако претходната влада носеше западни мултинационални компании со огромен капитал сега не можеме да видиме ниту една од тие компании. Законот за финансиска поддршка на инвестициите кој го промовираше Владата е штетен за македонската економија и домашните фирми. Законот надвор од секоја пазарна логика дозволува компаниите од зоните, кои се ослободени од данок на доход и персонален данок на добивка во период од 10 години, но и од разни царини да можат да тргуваат и на домашниот пазар. Со ова се создава нелојална конкуренција и компаниите кои не се во зоните се оштетуваат неколкукратно.
Овој закон, велат од партијата, не ги согледува основните проблеми на реалниот сектор, односно за немањето можност за излез на европскиот пазар на домашните компании.
-Со овој закон нема да се креираат нови работни места и нема да им помогне на македонското стопанство. Ваквиот закон е дестимулирачки за повеќето компании во Македонија, а е во корист само не 4 или 5 поголеми компании вклучувајќи ги компаниите на Кочо Анѓушев. Со новиот закон наместо да им се додели финансиска помош на компаниите на почеток на инвестицискиот циклус кога според економска логика е најчуствителен период и кога компаниите не можат да остварат добивка или раст тие со новиот закон помошта се дели само на компании кои се веќе успешни. Ваквиот однос кон економијата и Буџетот, како кон своја приватна сопственост ја оштетува економијата и ги дестимулира компаниите. Последиците од лошите законски решенија наскоро ќе ги почувствуваат македонските компании.
Реакцијата на ВМРО ДПМНЕ доаѓа по вчерашната прес конференција на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, на која тој нагласи дека во последните два месеци по претставувањето на Програмата на Владата за економски раст има нови осум инвестиции во ТИРЗ во вкупна вредност од 73,5 милиони евра што ќе отворат 1.570 нови работни места.
– За два месеци со нула потрошени пари имаме осум нови инвестиции со над 75 милиони евра и повеќе од 1.500 вработени, а за седум години со потрошени 225 милиони евра имаше само 23 инвестиции. Уште не сме ја почнале Програмата, а веќе се потпишани нови осум договори, а во скоро време ќе има уште 30 нови договори за странски инвестиции – рече Анѓушев и најави дека има заинтересираност и кај домашните компании за инвестирање.
Како што кажа, шест од странските компании кои се веќе присутни во земјава најавиле удвојување на своите капацитети по препознавањето на можностите што ги нуди Програмата за економски раст.
Тој посочи дека инфраструктурата во скоро сите ТИРЗ не е дозавршена и додаде дека Владата во Буџетот предвидела средства за нејзино финиширање.
Според симулацијата, како што кажа, што претходното ја направиле, само три од постојните 23 компании во ТИРЗ-овите нема да добијат повеќе средства со Програмата за економски раст, а тоа се компании на кои им било дозволено да не плаќаат социјално и здравствено осигурување за вработените. Кај сите останати компании државната помош ќе биде поголема од претходно.
Министерот за економија Крешник Бектеши нагласи дека од вчера на ЕНЕР е ставен законот за финансиска поддршка на инвестициите, а вицепремиерот Анѓушев нагласи дека очекува до крајот на март тој да биде донесен, по што ќе биде и официјализирана Програмата за економски раст.
Симулациите што ги правеле кога ја носеле Програмата покажале дека за годинава се доволни 50 милиони евра што се издвоени од Буџетот за 2018 за поддршка на компаниите согласно Планот за економски раст, а доколку има потреба, како што нагласи, ќе биде направен и ребаланс.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.