| четврток, 6 декември 2018 |

Прв филмски „уредник со причина“ во Кинотека на Македонија ќе биде Влатко Стефановски

Во Кинотеката на Македонија во февруари ќе почне нов програмски циклус со наслов „Уредник со причина“. Програмата ќе претставува филмска селекција која го потенцира персоналниот аспект на доживувањето на едно филмско дело и секој месец една јавна личност ќе има можност и слобода да биде „филмски уредник“ – да направи свој личен избор на филмови и да ги презентира.

Честа да биде прв „уредник со причина“ му припадна на Влатко Стефановски, еден од најпознатите и најуспешни македонски музичари. Неговиот опус е сестран и освен неговите познати чисто музички самостојни проекти и работата со групата „Леб и сол“, тој e автор и на филмска музика.

Оттаму, разбирливо е што неговата селекција се состои од филмови со моќна музичка подлога, како што се „Париз, Тексас“ – филмска класика од осумдесеттите и „Големата убавина“, еден од најизвиканите и наградувани современи светски филмови. Изненадувањето е „Мирно лето“, филм што по речиси 60 години почнува да стекнува култен статус. По завршувањето на проекцијата на филмот „Големата убавина“ Влатко Стефановски ќе се дружи со публиката со која ќе разговара за филмовите од програмата. Ивана Смилевска ќе биде медијатор помеѓу Влатко Стефановски и публиката.

Проекцијата на филмот „Париз, Тексас“ (Западна Германија/Франција/В. Британија, 1984 г., 147 мин., колор, блуреј) во режија на Вим Вендерс, според сценариото на Сем Шепард ќе се одржи на 26 февруари (понеделник), во 20 часот. Улогите во филмот ги играат Хари Дин Стентон, Настасја Кински, Бернард Вики, Хантер Карсон, Дин Стоквел. Ова може да биде и посвета на неодамна починатиот Сем Шепард.

„Париз, Тексас“ е добитник на канската „Златна палма“ во 1984 година. Еден човек се појавува од пустината, не се знае ни кој е, ни каде оди. Неговиот брат го наоѓа и му помага да се присети дека пред четири години заминал и ги напуштил сопругата и синот. Постепено, како што му се враќаат сеќавањата, тој стапува во контакт со луѓето од своето минато.

На 27 февруари (вторник) ќе се одржи проекцијата на македонскиот филм „Мирно лето“ (1961, 99 мин., црно-бел, 35 мм) во режија на Димитрие Османли по сценарио на Фрида Филиповиќ. Улогите во филмот ги играат Љупка Џундева, Слободан Перовиќ, Дарко Дамевски, Илија Милчин, Мери Бошкова, Петре Прличко, Стојка Цекова.

Познат како првата македонска филмска комедија, филмот „Мирно лето“ се вбројува во еден од класиците на македонската кинематографија. Преку една доста едноставна приказна публиката се запознава не само со ликовите на филмот туку и со идејата за менталитетот на еден народ. Околностите на животот доведуваат Заре и Мира да се преселат во Охрид, каде се надеваат дека ќе најдат спокојство и бегство од неуморните очи и усти на нивното соседство. Но, како што ќе дознаат јунаците на оваа приказна, нештата никогаш не се толку едноставни.

Филмот „Големата убавина“ (Франција/Италија, 2013, 144 мин., колор, блуреј) на режисерот Паоло Сорентино ќе има проекција на 28 февруари (среда). По сценарио на Паоло Сорентино во филмот играат актерите Тони Сервило, Карло Вердоне и други.

„Големата убавина“ е визуелно спектакуларен филм во кој се насетуваат моменти од класичните дела на Федерико Фелини. Овој проект на Паоло Сорентино беше одушевено прифатен од фестивалската публика и од критичарите. Рецензентката на „Њујорк тајмс“ филмот го нарече „невообичаено забавна халуцинација“, а според „Варајети“, станува збор за „неверојатна кинематографска гозба“. Сето тоа беше потврдено со Оскар.

Новинарот Џеп (Тони Севило, кој глуми и во „Гомора“) е дел од римските литературни кружоци уште од големиот успех што го постигнува со својот еден и засега единствен роман. Вооружен со ѓаволест шарм, тој со децении си го пробива патот низ богатиот ноќен живот. Но кога неговиот 65-ти роденден се совпаѓа со еден шок од минатото, Џеп почнува да ја врти својата духовитост против себе и своите современици и, занемарувајќи ги екстравагантните ноќни клубови, забави и кафулиња, тој го доживува Рим со сета своја величенственост – вонвременски пејзаж со апсурдна, но неверојатна убавина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top