| четврток, 6 декември 2018 |

Во Струмица одбележана годишнина од раѓањетона Борис Трајковски

boris-trajkovski01

57 годишнината од раѓањето на трагично загинатиот претседател на Македонија, Борис Трајковски, денеска ја одбележа општина Струмица. Членови на неговото семејство, претставници на локалната власт и политичките партии, како и граѓани кои го почитуваат неговото дело, положија свежо цвеќе пред споменикот „Македонија“ во Градскиот парк, а за животот и делото на Трајковски зборуваше претседателот на Советот на општина Струмица, Марјан Даскаловски.

– Претседателот Трајковски се грижеше за унапредување на демократијата во државата, за зачувување на човековите права, за афирмација и доследно спроведување на пазарната економија, за развој на граѓанското општество, за соживот меѓу различните етникуми, за политичка стабилност и динамика на внатрешен и надворешен план, за добрососедство и регионална соработка и за интегрирање на Македонија во евроатлантските структури. Сè што правеше на тој план го правеше од срце, го правеше со душа, го правеше со неизмерна љубов кон својата татковина, Република Македонија. Претседателот Трајковски, посебно значајна улога одигра со своите мудри одлуки кои беа пресудни за запирање на воениот конфликт во 2001 година, кој беше сериозна закана за понатамошното нормално опстојување на државата – рече меѓу другото, Марјан Даскаловски.

Во чест на Трајковски, наградените учесници на конкурсот што го распиша библиотеката ,,Благој Јанков Мучето“ ги прочитаа своите творби инспирирани од темата ,,И по девет години, цела Македонија се сеќава на претседателот Борис Трајковски“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top