| четврток, 6 декември 2018 |

Со парада на 30 илјади спортисти од 92 држави, отворени најстудените ЗОИ во историјата (фотогалерија)

Со парада на повеќе од 30 ијлади спортисти од вкупно 92 држави од светот денеска свечено беа отворени 23. Зимски олимписки игри (ЗОИ) кои во историјата ќе влезат како најстудени.

Свеченото дефиле беше придружено со многу огномет, светлосни ефекти и корејска поп-музика.

Највпечатлив момент на свечената церемонија беше кога Јуна Ким, која се натпреварува во уметничко лизгање, го запали олимпискиот пламен. Ким е ѕвезда во својата земја, таа освои златен медал во 2010 година.

Нордискиот скијач Ставре Јада ја предводеше малубројната македонска експедиција, која ги вклучува и скијачите Антонио Ристевски и Викторија Тодоровска.

Седумнаесет држави ќе имаат само еден претставник на Игрите, што вклучува и некои егзотични земји како Тонга, Бермуда и Еритреја, но најголем аплауз изнуди заедничкото дефиле на олимпијците од двете Кореи, држави кои, технички, сѐ уште се во војна. Знамето на обединета Кореја го држеа Хванг Чунг-Гум од Северна Кореја и Вон Јун-Џонг од Јужна Кореја, кои беа поздравени од јужнокорејскиот претседател Мун Џае-Ин.

Освен ова, тие ќе имаат заедничка женска репрезентација во хокеј.

За разлика од нив, спортистите од Русија беа принудени да маршираат под олимпиското знаме, како казна за големиот допинг-скандал од претходните Игри во Сочи.

Во Пјонгчанг олимпијците ќе се натпреваруваат во 102 дисциплини во 15 спортови.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top