| четврток, 6 декември 2018 |

Европска премиера на филмот на Милчо Манчевски „Бикини Мун“ во Белград и во Порто

Филмот ја имаше светската премиера на фестивалот во Сао Пауло каде ја освои бразилската критика („Брилијантен авторски филм.“ „Милчо, провокативен како и секогаш, прави особено оригинален и силен коментар за информатичкото општество)“

„Бикини Мун“ петтиот филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски, овој месец доаѓа и во Европа, на фестивалите во Порто и белградски ФЕСТ, каде Манчевски ќе биде и претседател на жирито. Двете последователни фестивалски проекции – на ФЕСТ и на Фантаспорто во Порто, Португалија претставуваат европска премиера на „Бикини Мун“. Следниот месец филмот ќе игра и на фестивалот во Софија.

Годинава ФЕСТ се одржува по 46-ти пат и почнува на 23 февруари. Овој фестивал беше култна манифестација на прсторите на бивша Југославија и на него израснаа цели генерации филмофили и филмаџии, а со него раководеа ѕвездите на југословенскиот филм и критика. Од неодамна, ФЕСТ има и натпреварувачки дел. Фестивалот го отвара филмот „Три билборди близу Ебинг во Мисури“ кој е годинава номиниран за седум Оскари.

Бидејќи Мaнчевски е во фестивалското жири, неговиот најнов филм, американско-германската копродукција „Бикини Мун“ ќе биде прикажан надвор од конкуренција.

Во „Бикини Мун“ Кондола Рашад – која беше три пати номинирана за бродвејската награда Тони („Ромео и Јулија“  со Орландо Блум, „Куќа за кукли – втор дел“) и која во моментов игра во серијата „Милијарди“ ја глуми Бикини Мун Дејвис. Бикини е харизматична жена војник со психички проблеми која го привлекува вниманието на документарна екипа; тие сакаат да ја искористат нејзината приказна за сопствена слава. Во оваа модерна бајка која се потпира врз нарушениот идеал за семејство настапуваат и Сара Голдберг, Вил Јановиц и Сатја Сридхаран, а директор на фотографија е Џошуа З. Вајнастајн.

Филмот ја имаше светската премиера на фестивалот во Сао Пауло каде ја освои бразилската критика: („Брилијантен авторски филм.“ „Милчо, провокативен како и секогаш, прави особено оригинален и силен коментар за информатичкото општество).“

Манчевски, кој дипломираше на филмска академија во САД, ја започна професионалната кариера со филмови и спотови во Њујорк (освојувајќи ја и нагрaдата на Ем-Ти-Ви), каде и живее. После Номинацијата за Оскар и наградата Индепендент спирит, соработуваше со холивудските студија и работеше на серијата THE WIRE за Ејч-Би-О. Неговиот филм „Пред дождот“ е најнаградувано македонско уметничко дело (Златен лав во Венеција и уште 30 други меѓународни награди), а „Њујорк тајмс“ го вброи во 1.000 најдобри филмови на сите времиња. Неговиот последен македонски филм, „Мајки“ е снимен пред осум години, а во меѓувреме тој го сними кубанско-американски експериментален филм „Крајот на времето“ кој освои четири меѓународни фестивалски награди и „Бикини мун“.

– „Бикини мун“ е психолошки портрет кој има формат на лажен документарец и зборува за тоа како медиумите (вклучувајќи го и филмот) го експлоатираат поединецот. Денес секаде и секој снима и тоа го гледаме сите: од прислушување и безбедносни камери до самослик на Фејсбук. „Бикини мун“, како и моите досегашни филмови зборува за природата на вистината, лагата и илузијата“ – изјави Манчевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top