| четврток, 6 декември 2018 |

Конечно и добри вести од Мерсин – борачот Богданов во атак на златниот медал

Конечно од Мерсин пристигна и добра вест за македонскиот спорт, а јунак на досегашниот тек од Медитеранските игри за  нас е борачот Дејан Богданов. Тој успеа да се пласира во финалето на игрите во категорија до 84 килограми, слободен стил.

Дејан успешно ги мина четвртфиналните и полуфиналните борби, а на листата на освојувачи на медали може да се запише и неговиот репрезентативен колега Дејан Митров, кој ќе се бори за бронза во категоријата до 66 килограми.

Богданов во финалето на турнирот во битката за златниот медал ќе му излезе на мегдан на домашниот претставник Сердар Боке. До финалето стигна откако, најпрво го совлада Моуд Шади од Либија со 3-0, а во полуфиналето со 6-5 на поени го победи и Кармело Лумија од Италија.

Дејан Митров, во категоријата до 66 килограми, во четвртфиналето беше поуспешен од Руслан Мухтаров од Франција со 3-0, но во полуфиналето загуби од турскиот борач Мустафа Каја.

Попладнево репесаж за евентуална битка за бронзениот медал ги очекува и Иван Анакиев против Гркот Каланидис во категорија до 55 килограми, и Бобан Данов против Египќанецот Хамди Абелхабад до 120 килограми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top