Каде и да се свртиме, во регионот не се живее баш најдобро, а се поточна се покажува изреката „колку појужно, толку потажно“, анализираат медиуми од регионот.
Словенците од секогаш живееле подобро од остатокот на екс Југославија, а со влегувањето во ЕУ уште повеќе се издигнаа од остатокот на регионот. Така лани просечната плата во Словенија била 1 015 евра, на врвот на регионалната листа, а најмалку заработувале во Македонија, во просек само 361 евро месечно.
Според последните податоци (последниот квартал лани) просечната плата во Хрватска изнесувала 808 евра, во Црна Гора 529 евра, во Босна и Херцеговина 434 евра, а во Србија 367 евра.
Иако Словенците може само да му се насмевнат на просекот на своите соседи, вистина е дека тамошната просечна плата за 15 евра е пониска од пред година дена. Значи, не е се така розево ни во Словенија. И Хрватскиот просек е помал за 12 евра во однос на година порано. Во Србија и Црна Гора се бележи раст на платите, но не голем.
Што се однесува до БиХ, просечната не се менувала доста, но-што би рекол Алан Форд-затоа цените растеле.
„Можеби е помал проблем што сме плаќале повеќе за основни животни намирници, овошје, зеленчук, млеко, но поскапеле трошоците, лековите, облеката, обувките, училишниот прибор. Се е многу поскапо отколку пред неколку години“, вели медицинска сестра од Сараево, која со сопругот и две деца во основно школо, живеат во сопствен стан (уште враќаат кредит).
Така за цела потрошувачка кошничка, која подразбира само достоинствен, но не и луксузен живот во БиХ требат повеќе од 2000 конвертибилни марки, што е повеќе од две просечни месечни плати.
Просечната потрошувачка кошничка во Хрватска изнесува околу 1 841 КМ (938 евра), но ниту тоа, секако не е доволно. За целосна, квалитетна кошничка, просечен Хрват треба да додаде уште најмалку 100 евра.
Потрошувачката кошничка во Србија изнесува нешто повеќе од 1 016 КМ (517 евра). Трошоците се, исто така нешто поевтини. Статистиката вели дека во Србија повеќе од 300 000 луѓе живеат од минималец-околу 170 евра месечно.
За четиричлено семејство во Црна Гора се потребни минимално 796 евра месечно-а платата изнесува половина од таа сума.
Вкупната вредност на синдикалната кошница во август 2017 во Македонија пак изнесувала 32.316 денари. Од нив, за храна и комуналии граѓаните од семејниот буџет одвојувале 23.871 денар, покажуваат податоците за вредноста на синдикалната минимална кошница што ги објавува Сојузот на синдикати на Македонија.
За храна во август се одвојувале 13.422 денари, за комунални трошоци 8.253 денари, а за опрема за куќа и одржување 2,197 денари.
Според синдикалната кошница, одржувањето на личната хигиена во август чинело 980 денари, а одржувањето на хигиената во домот 1.244 денари. За превоз, месечно граѓаните трошеле 2.340 денари, а за облека и обувки 2.129 денари.
Најмалку пари од семејниот буџет се одвојува за одржување на здравјето, односно околу 680 денари, како и за посета на културни манифестации, околу 1.070 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.