| четврток, 6 декември 2018 |

Изјавите на Димитров грчките медиуми ги квалификуваа како „торпедо“, „бомби“ и „ракети“

По разговорите во Скопје, медијаторот Метју Нимиц телефонски или на средба во Солун, ќе го извести грчкиот преговарач Василакис за средбите со македонскиот државен врв, објави грчката државна телевизија ЕРТ, кусо откако заврши заедничката прес конференција на Димитров и Нимиц.

Грчките медиуми, во извештаите по средбата на Никола Димитров и Метју Нимиц, акцентот го ставаат на изјавите на шефот на македонската дипломатија дека сме Македонци и зборуваме македонски и дека ако се допре идентитетот, нема решение. „Бомби“, „торпедо“, „ракета“ се зборовите што грчките новинари ги користат за да ги пренесат ставовите на министерот за надворешни работи.

Кусо по завршувањето на прес конференцијата на Димитров и Нимиц и изјавите на шефот на македонската дипломатија станаа прва и централна тема во Грција, јавува дописникот на МИА од Атина.

„ПЈРМ: Нимиц оптимист, Димитров говореше за решение што ќе ги почитува двете земји“; „Бомби Димитров за скопското прашање: Никој не може да ни го одземе правото да сме Македонци“; „МНР на ПЈРМ: Македонци сме, зборуваме македонски, тоа е наше право“; „Ракета Димитров: Никој не може да ни го одземе правото да сме Македонци“; „Торпедо Димитров за во преговорите: Ние сме Македонци, зборуваме македонски“; „Димитров: Само Грците негираат дека сме Македонци и зборуваме македонски јазик“; „Нимиц: Оптимист сум – Димитров: Грците немаат ексклузивно право на терминот Македонија“ – се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми.

Грчките новинари во нивните извештаи ги пренесуваат ставовите и на Димитров и на Нимиц, но акцентот е на ставовите на шефот на македонската дипломатија. Некои од медиумите коментираат дека станува збор за „провокативни изјави“, други дека Димитров, директно ја разјаснил позицијата на соседната земја.

„Без да врти од околу министерот за надворешни работи на ПЈРМ, Никола Димитров, пред специјалниот медијатор на Обединетите нации, Метју Нимиц, разјасни дека прашањето за националниот идентитет и јазик е „црвена линија“ за Скопје“, пишува информативниот портал Протагон, пренесува МИА.

Министерот за надворешни работи на ПЈРМ, Никола Димитров за време на прес конференцијата излезе провокативен со неговата изјава. Министерот за надворешни работи на ПЈРМ, инсистираше посебно на темите за националниот идентитет и прашањето за јазикот, коментира порталот Капитал, а со сличен натпис е и онлајн изданието на Прото тема.

„Со една целосно провокативна изјава за правото на Скопјаните да се нарекуваат Македонци и да зборуваат „македонски јазик“ како дел од група словенски јазици, настапи министерот за надворешни работи на Скопје, Никола Димитров, за време на заедничката прес конференција со Метју Нимиц“, пишува онлајн изданието на десничарски ориентираниот весник Прото тема.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top