Филмот „Исцелител“ на македонскиот режисер Ѓорче Ставрески ќе ја има својата премиера во САД на престижниот филмски фестивал во Санта Барбара, Калифорнија. Филмот ќе се прикажува во компетитивна селекција на интернационални филмови заедно со уште 11 филма. Премиерното прикажување ќе биде на 1-ви февруари, а филмот ќе има уште две проекции во текот на фестивалот.
Во склоп на фестивалот се оддаваат и посебни признанија на филмските ѕвезди. Некои од добитниците на наградите од изминатите години се Анет Бенинг, Мартин Скорсезе, Квентин Тарантино, Џенифер Лоренс и Шарлиз Терон, а овогодишна добитничка е Серше Ронан за улогата во филмот „Lady Bird“.
Филмот „Исцелител“ овој викенд ја имаше и својата премиера во Кочани, каде двете проекции беа проследени со огромен интерес од страна на многубројната публика. Филмот веќе деветта седмица се прикажува во кината во Скопје, а досега имаше и проекции во Битола и Штип. „Исцелител“ во кино салите досега беше прикажан пред повеќе од 10.000 домашни гледачи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.