Француски институт и Гете-институт, Канцеларија за врски – Скопје, во соработка со „Скопско лето“, Кинотека на Македонија и Македонска филхармонија, вечерва, со почеток во 20 часот, во салата на Македонската опера и балет (МОБ) организираат филмски концерт како дел од прославата на 50-годишнината од потпишувањето на Елисејскиот договор.
Публиката ќе има можност да ја погледне комедија „Ова е Париз“ (So, this is Paris, 1926) на извонредно плодниот холивудски режисер и сценарист Ернст Љубич, познат по „Ниночка“, „Проблеми во рајот“, „Веселата вдовица“, „Небото може да почека“, „Продавница зад аголот“, „Да се биде или не“ и многу други филмски бисери. Снимен во ерата на немиот филм, „Ова е Париз“ е последна од петте комедии од „Златните дваесетти“ што Љубич ги има режирано меѓу 1924 и 1926 година.
Музичката придружба на филмот ќе биде изведена од мешан оркестар, составен од француски, германски и македонски музичари под диригентската палка на маестро Хелмут Имиг, кој на македонската публика ѝ е веќе познат по една слична филмско-музичка комбинација – скопската премиера на „Метрополис“ (1927) на Фриц Ланг, што се случи во 2011 година во МОБ.
Музичкиот аранжман за филмот на Љубич го направи самиот диригент, кој создаде компилација од композиции од Ерик Сати, Николај Римски-Корсаков, Жак Ибер, Јохан Штраус, Фредерик Шопен и др.
Влезниците за концертот се бесплатни, но задолжително мора да се подигнат од билетарницата на МОБ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


