В четврток, (25 јануари) во 20 часот, на програмата на Македонската филхармонија е симфонискиот концерт „Моцартовите перипетии“, на кој ќе бидат изведени дела од музичкиот гениј Волфганг Амадеус Моцарт.
Како солист ќе настапи атрактивната обоистка Сања Ромиќ, прва обоа на Белградската филхармонија, која ќе го изведе Концертот за обоа и оркестар во C-dur. Под диригентство на маестро Михал Нестерович од Полска, оркестарот на Македонската филхармонија ќе ги изведе и увертирата од операта „Дон Џовани“, како и Симфонијата бр. 38 во D-dur, „Прашка“.
„Таа поседува музичка длабочина и има прекрасен тон кој го надминува целиот оркестар, а наедно ги инспирира своите колеги“. Вака ќе изјави славниот маестро Зубин Мехта за првата обоистка на Белградската филхармонија – Сања Ромиќ. Се смета за една од најактивните, но и најталентираните обоистки од помладата генерација на Балканот. „Сања сака сè или ништо“, ќе напише познатиот писател Момо Капор. Таа, пак, за себе ќе каже дека е емотивна, весела, дека се радува на човекот, на пријателите и насмевката и дека сето тоа го исполува низ музиката која ја обзема, која ја живее и дише…
Обоистката Ромиќ го почнала своето музичко образование во Нови Сад, потоа студирала на академијата „Франц Лист“ во Будимпешта, а се усовршувала на „Моцартеум“ во Салцбург. Од 2005 до 2009 година дејствувала како соло-обоистка во Операта и балетот во Љубљана, а соработувала и со Оркестарот на Радио-телевизија Словенија, со Словенечката филхармонија, со оркестарот на Војската на Словенија, со оркестарот „Фестине“ и Друштвото на словенечки композитори. Ромиќ соработувала и со меѓународни оркестри како што се „Ердоди“ и „Матав“ од Унгарија, Салцбуршката камерна филхармонија, Младинската филхармонија од Салцбург, оркестарот „Бад Рајхенхал“ од Германија, со загрепските солисти, со оркестарот на Академијата „Арс музикае“ од Клагенфурт…
Се јавува и како предавач на мастер-класите на Кралската академија во Даблин и на Академијата за уметности во Нови Сад, а се занимава и со педагошка дејност. Соработува со пијанистот Даниел Детони од Хрватска, со харфистката Паола Барон од Италија и со пијанистката Финула Мојнихан од Ирска, со која ќе го сними и нејзиното прво ЦД „Melodies of Nations“. Остварила снимки за Радио Нови Сад, а досега била ангажирана за разновидни перформанси, меѓу кои и за театарска музика. Од 2011 година е прва обоистка на Белградската филхармонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Концертот „Souvenir de Florence“ в сабота во Македонската филхармонија
-
Македонската филхармонија на турнеја во Шпанија
-
Бетовеновата „Деветта“ на сцената на Македонската филхармонија под диригенство на Густав Кун
-
Ѓорѓи Цинциевски, контрабасист: Македонија ја има најдобрата концертна сала на целиот Балкан


