„Според Охридскиот Договор, македонскиот (јазик) останува официјален/службен јазик на државата, а секој друг јазик говорен од најмалку 20% од населението се прогласува за официјален/службен јазик кој може да биде употребуван за лични документи, граѓански и кривични постапки, од општинските институции и во комуникација меѓу граѓаните и централната влада. Албанските членови на Парламентот можат исто така да го употребуваат албанскиот (јазик) во Парламентот.“
Ќе дадам некои појаснувања околу меѓународно усвоената терминологија, според „Европската Повелба за регионални и малцински јазици“ (1992/1998), односно Резолуцијата за имплементација на Европската Повелба за регионални или малцински јазици (21.10.2010), за да биде појасна натамошната аргументација, а со цел истата да се применува/почитува и во Р. Македонија и нејзините уставни, законски акти, како и во политичката реторика:
Според Европската Повелба за регионални или малцински јазици, регионален/малцински јазик е дефиниран како „традиционално говорен/употребуван на дадена територија од една држава од страна на граѓани на таа држава кои формираат група бројно помала од остатокот на популацијата во таа Држава и 2. Се разликува од официјалниот јазик/јазици на таа држава“.
Називот ’малцински јазик’ се третира идентично како регионален јазик споредЕвропската Повелба за регионални и малцински јазици е јазик говорен од едно малцинство од вкупната популација на една територија, а таквите малцински популации се нарекуваат лингвистички т.е. јазични малцинства (linguistic/language minority), а во некои контексти и како малцински ’јазични заедници’.
Според Повелбата, признавањето на регионалните или малцински јазици како официјални/службени јазици на една територија не ја супституираат должноста на граѓанинот да го употребува и државниот службен јазик туку му даваат право на граѓанинот, по избор, да го користи својот мајчин јазик во регионот/локално и во заедницата на којашто и’ припаѓа традиционално етнички и јазично и да комуницира со локалните органи на власта на својот јазик за административни потреби.
Станува збор, значи, за политика на заштита на човековите јазични права, а не за ревизија на статусот на државниот јазик, ниту за ревизија на идентитетот на државата, како што се сугерира со предлог Законот за јазиците, каде што македонскиот е едвај спомнат. Ако со јазичните промени во РМ се иницираат и се озаконуваат радикални промени на идентитетот на државата Р. Македонија и во нејзиното функционирање (институциите), тоа ќе повлече серија последици со драматичен карактер врз македонското општество.
.
Еден регионален јазик во една држава може а) да има статус на државен/национален јазик во друга држава (албанскиот на пр. е државен во Р. Албанија, но регионален/малцински во Р. Македонија) или б) може да биде регионален/малцински и во една соседна држава (на пр., каталонскиот кој е официјален јазик на Андора, е регионален јазик во Шпанија, и тоа во Каталонија, Балеарските острови, Валенсија, во Франција (во Западните Пиринеи), и во Италија (во Алжеро на Сардинија).
Во контекст на ЕУ Повелбата (1992/98), албанскиот јазик треба да има статус на малцински или т.н. регионален јазик (со јазични права кои ќе важат за припадниците на тоа јазично малцинство/заедница и на територијата каде што живее тоа јазично малцинство). Албанскиот јазик треба да ги ужива правата на малцински регионален јазик на локално/регионално ниво: во општините каде што албанската популација е мнозинска или над 20% од вкупното население, албанскиот треба да има статус на втор официјален јазик, наспрема македонскиот кој е прв државен – официјален јазик во целата држава Р. Македонија (има статус на национален и државен јазик).
Албанскиот јазик се зборува од популација која е според Уставот на РМ, ’дел од народ’, дел од албанската нација која има своја суверена држава Р. Албанија (како и нов државен ентитет Р. Косово), каде што албанскиот јазик има статус на национален, државен и официјален јазик.
Наспрема 193 суверени држави и нивните официјални јазици, во светот се регистрирани околу 5-7.000 малцински јазици.
Некои малцински јазици се сметаат за ’национални јазици’ затоа што се јазици на народи кои немаат своја суверена држава (на пр. ромскиот, ароманскиот).
Други примери од Европа: Германскиот, на пр., е официјален јазик во неколку држави: Австрија, Белгија, Германија, Лихтенштајн, Луксембург и Швајцарија, а е регионален јазик во Италија (во подрачјето на јужен Тирол), во Полска (Шлезија), во Франција (Алзас и Лорена), Данска и Намибија. Унгарскиот (Уралска група јазици), кој е официјален во Унгарија, е регионален во Романија, каде што официјален јазик е Романскиот (романска група).
Рускиот јазик, кој е официјален јазик во Руската Федерација и Белорусија, е регионален во Абхазија, Јужна Осетија и др. држави. Турскиот, официјален јазик во Турција и Кипар, е регионален јазик на Косово (и Македонија).
Во Шпанија, на пр., регионални јазици се Аранези, Каталонски и Галициски, се сметаат за автохтони на подрачјата каде што се говорат, имаат ко-официјален статус со кастилијанскиот шпански кој е единствен официјален јазик на територијата на целото Кралство на Шпанија. Баскискиот јазик кој е изолиран и не припаѓа на романската група јазици како шпанскиот, каталонскиот, галицискиот, има одлики на регионален јазик во Шпанија (во регионот на Баскија) и во Франција.
Во Франција регионални јазици се бретонскиот, окситанскиот, валонскиот, корзиканскиот, во Кралството на Велика Британија – шкотскиот, велшкиот, ирскиот…
(став на академик Катица Ќулавкова по повод донесувањето на Закон за употреба на јазиците)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Амди Барајм: Законот за јазици е уставно неуставен, но јас ќе го гласам
-
Џафери: До идниот петок ќе се донесе законот за јазиците и ќе биде затворено прашањето
-
Ќулавкова: Албанскиот јазик треба да ги ужива правата на малцински јазик
-
Академик Катица Ќулавкова: Законот за јазиците ќе предизвика хаос во постојниот законски систем