Со измените на Законот за лекови и медицински средства, кои веќе се во собраниска процедура, се воведуваат мерки со кои се обезбедува поголема сигурност во квалитетот на лековите што се увезуваат и нивната поголема безбедност.
Дистрибутерите ќе имаат обврска да обезбедат сертификат за квалитет на производот од производителот, сертификат за потврден квалитет од акредитирана и референтна лабораторија и да достават доказ за следливост од самото место на производство до крајното место на испорака.
Ова денеска на прес-конференција го истакна директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства Роберт Бекироски, кој рече дека на тој начин ќе се покрене нивото на сигурност на лековите што се носат со паралелниот увоз. Директорот посочи дека во изминатиот период значително го зајакнале инспекцискиот надзор.
– Во изминатите месеци сите инсулини што беа донесени со паралелен увоз на лекови детално и поединечно беа инспектирани и во соработка со референтни лаборатории овозможени се услови за нивна комплетна анализа. Моментално и во иднина врз инсулините ќе се вршат целосни анализи согласно пропишаните барања за квалитет, рече Бекироски.
Во изминатите месеци, нагласи бекировски, инспекциските служби открија поединечни пакувања од еден лек кои одговараат на дефиницијата за фалсификуван лек. Појасни дека за тие лекови од соосдветна лабораторија се докажало дека станува збор за фалсификувани лекови, не биле пуштени во промет, а до Основното јавно обвинителство е поднесена пријава и предметот е предаден на натамошна постапка.
Одговарајќи на новинарско прашање за колкава количина фалсификувани лекови станува збор, рече дека има повеќе пакувања од еден лек. Во врска со тоа за кој лек станува збор, истакна дека во интерес на постапката, не е коректно да коментира. Тој рече дека инсулините кои биле пушени во промет во изминатиот период може да гарантира дека се со проверен квалитет и увери дека во иднина ќе обезбедат уште поквалитетни инсулини. рп/сд/12:59
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.