На неодамнешниот престој на делегација на холандско-турска компанија, која го посети езерото Козјак, таа пројави голем интерес да изгради хотелски комплекс во близината на селото Здуње, јавува „Нова Македонија“. Тој би се протегал на површина од 25 хектари, а ќе содржи и голем број пропратни содржини, со што ќе наликува на град во мало.
– Се работи за компанија од областа на хотелиерството и туризмот со мешан холандско-турски капитал, која поседува свои хотели во над десет европски земји, меѓу другите и во Германија,Турција и во Холандија. Претставниците изразија целосна подготвеност да изградат хотелски комплекс. За оваа намена побараа да се обезбеди земјиште со површина од 25 хектари, на кои би го изградиле хотелскиот комплекс од типот на бунгалови, со сите пратечки содржини, што ќе биде град во мало и за кој оваа компанија е подготвена да потроши околу 140 милиони евра – рече Милосим Војнески, градоначалник на Општина Македонски Брод.
Инаку оваа компанија организира специфичен тип на туризам, поврзан исклучиво со имотни пензионери од западно европските земји и тие се доминантните клиенти на овој хотелски бренд.
– Оваа компанија е една од ретките на стариот континент чија главна клиентела се богатите европски па и американски пензионери. Во текот на целата година овие пензионери поминуваат по еден месец во секој од хотелите на нивниот ланец и токму затоа нивните објекти се од типот на бунгалови, за гостите во нив да го почувствуваат домашниот амбиент а нивниот престој да не биде здодевен и исполнет со многу содржини. Капацитетот на овој хотелски комплекс на езерото Козјак ќе биде 160 кревети. Компанијата очекува наскоро да се урбанизира реонот околу селото Здуње, за да можат да се заокружат сите правни процедури и комплексот непречено да почне да се гради – додаде Војнески и најави дека во овој комплекс свое вработување ќе најдат и голем број невработени квалификувани лица од областа на угостителството и туризмот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


