| четврток, 6 декември 2018 |

Писмо на девојка која починала на 27 години: Гледам како телото ми се истрошува и сѐ што посакувам е барем уште еден роденден или Божиќ со семејството

Холи Бачер од Австралија неодамна ја изгубила битката со Јуингов сарком, ретка форма на рак што ги напаѓа младите луѓе. Холи имала само 27 години кога починала.

Кога Холи се помирила со нејзината смрт, таа решила да напише отворено писмо за сите лекции што ги научила и за искуствата што ја научиле да ја цени секоја помината секунда на Земјата. Можеби искрените зборови на Холи ќе им помогнат на луѓето да ја видат поголемата слика, онаа што честопати е изгубена во морето од бесмислените стресови и грижи. Таа се обидела да им каже на луѓето да се фокусираат на значајните работи и да живеат со полни гради.

Во продолжение, прочитајте го нејзиното трогателно писмо што го објавила на Фејсбук еден ден пред нејзината смрт…

Чудно е да се стане свесен и да се прифати сопствената смрт на 26-годишна возраст. Тоа е една од тие работи што ги игнорирате. Деновите минуваат, а вие очекувате дека ќе продолжат да доаѓаат.. Додека не се случи неочекуваното. Секогаш се замислував како стареам, имам брчки и сива коса, најверојатно предизвикана од прекрасното семејство (со многу деца) што планирав да го изградам со љубовта на мојот живот. Го посакувам тоа до болка.

Тоа е интересното кај животот. Тој е кршлив, бесценет и непредвидлив и секој ден е подарок, а не право.

Сега имам 27 години. Не сакам да си одам. Си го сакам животот. Среќна сум. Тоа им го должам на моите сакани. Но, контролата не е во мои раце.

Не ја започнав поракава со зборовите „пред да умрам“ за да предизвикам страв од смртта. Ми се допаѓа фактот што најчесто не сме свесни за нејзината неизбежност. Освен во моментите кога сакам да разговарам за неа и луѓето ја третираат како „табу“ тема, како да нема никогаш никому да му се случи. Тоа беше малку тешко. Едноставно посакуваме луѓето да престанат да се грижат за малите, безначајни стресови во животот и да се обидат да запомнат дека сите ние имаме иста судбина после сѐ, па затоа, направете сѐ што можете за да го поминете времето квалитетно.

Запишав многу од моите мисли, бидејќи имав многу време да размислувам за животот последниве неколку месеци. Секако дека овие случајни мисли најчесто ми се појавуваат во ноќта!

Во моментите кога ќе се жалите поради некои смешни работи (нешто што го забележав многупати последниве неколку месеци), само помислете на некој кој се соочува со вистински проблем. Бидете благодарни за вашиот мал проблем и надминете го. Во ред е да признаете дека нешто ве нервира, но обидете се да не продолжите и понатаму да мислите на тоа и да влијаете негативно на луѓето.

Откако ќе го направите тоа, излезете надвор и вдишете го свежиот австралиски воздух, погледнете колку е сино небото и колку се зелени дрвјата. Тоа е толку прекрасно! Помислете колку сте среќни што можете да дишете.

Зборови што ќе ви го променат животот: 27-годишна девојка напишала писмо ден пред нејзината смрт

Можеби сте заглавиле во сообраќај денес или лошо сте спиеле, бидејќи вашите прекрасни бебиња ве држеле будни, или пак вашата фризерка премногу ви ја скратила косата. Вашите нови вештачки нокти можеби имаат пукнатина, вашите гради се премногу мали или имате целулит на задникот и вашето меше се „прелева“.

Ослободете се од сите мисли. Ви се колнам дека нема да мислите на овие работи кога ќе дојде време да си одите. Сето тоа е толку безначајно кога ќе го погледнете животот како целина. Гледам како телото ми се истрошува, а јас не можам ништо да сторам во врска со тоа и сѐ што посакувам е да прославам барем уште еден роденден или Божиќ со моето семејство. Да поминам барем уште еден ден со мојот партнер или со кучето. Барем уште еден.

Ги слушам луѓето како се жалат дека им е ужасна работата и дека им е тешко да вежбаат. Бидете благодарни што сте физички способни за тоа. Работата и вежбањето се обични работи, додека вашето тело не ви забрани да ги правите.

Се обидов да имам здрав живот, всушност тоа најверојатно беше мојата најголема пасија. Ценете го вашето добро здравје и тело, дури и да нема идеална големина. Грижете се за него и прифатете ја неговата убавина. Движете го и хранете го со свежа храна. Не се опседнувајте со него.

Запомнете дека постојат повеќе аспекти на доброто здравје, покрај физичкото тело. Обидете се да ја најдете и вашата ментална, емоционална и духовна среќа. На тој начин можеби ќе сфатите колку е безначајно да се има тоа совршено тело што го претставуваат социјалните мрежи. Додека сме на оваа тема, избришете ги сите профили што прават да се чувствувате лошо. Без разлика дали се работи за пријател или не. Бидете безмилосни кога станува збор за вашата благосостојба.

Бидете благодарни за секој ден кога не чувствувате болка, дури и тогаш кога сте настинале, ве боли грбот или сте шинале зглоб. Прифатете го тоа и бидете благодарни што не е опасно по живот и ќе помине.

Зборови што ќе ви го променат животот: 27-годишна девојка напишала писмо ден пред нејзината смрт

Помалку жалете се, луѓе! И повеќе помагајте си едни на други.

Давајте, давајте, давајте. Точно е дека посреќни сте кога правите нешто за другите отколку кога правите нешто за себе. Посакувам да го правев ова почесто. Откако се разболев, ги запознав најневеројатните и најдобрите луѓе. Ги добив највнимателните и најгрижливите зборови и поддршка од моето семејство, пријателите и непознатите луѓе. Добивав многу повеќе отколку што можам да вратам. Никогаш нема да го заборавам ова и засекогаш ќе им бидам благодарна на сите овие луѓе.

Чудно е да се трошат пари на крајот кога умирате. Во тој момент не сакате да излегувате и да купувате материјални работи, како на пример нов фустан. Тоа ве тера да размислите колку сте биле глупави што сте мислеле дека вреди да се потрошат толку пари на нова облека и предмети во животот.

Купете им нешто на вашите пријатели наместо да си купите нов фустан, козметички производ или накит.

1. Никому не му е грижа ако ја носите истата облека два пати.

2. Ќе се чувствувате подобро.

Однесете ги на вечера или уште подобро, згответе им нешто. Направете им кафе. Подарете им цвеќе, масажа или миризлива свеќа и кажете им дека ги сакате.

Ценете го туѓото време. Не дозволувајте да ве чекаат затоа што не можете да стигнете на време. Подгответе се порано и ценете го тоа што вашите пријатели сакаат да го споделат своето време со вас, наместо да седат сами и да ве чекаат. На тој начин ќе добиете и повеќе почит!

Зборови што ќе ви го променат животот: 27-годишна девојка напишала писмо ден пред нејзината смрт

Оваа година, со семејството се договоривме да не си даваме подароци и покрај тоа што елката изгледаше тажно и празно, убаво беше тоа што луѓето не беа под притисок да пазарат и целиот труд го вложија на пишување честитки еден за друг. Освен тоа, замислете си како би им било на моите родители кога би се труделе да ми купат подарок знаејќи дека најверојатно тој ќе заврши кај нив… чудно! Можеби ви звучи глупаво, но тие честитки ми значат многу повеќе од кој било избрзан подарок. Наравоучение на приказната: Подароците не се потребни за да имате прекрасен Божиќ. Одиме понатаму.

Трошете ги вашите пари на искуства… Или барем не ги пропуштајте искуствата затоа што сте ги потрошиле сите ваши пари на материјални глупости.

Обидете се да отидете на тоа патување до плажата што секогаш го одложувате. Натопете ги стапалата во вода и закопајте ги прстите во песокот. Намокрете го лицето со солена вода.

Поминувајте време во природа.

Обидете се само да уживате и да бидете присутни во моментите, наместо да се обидувате да ги фатите со екраните на вашите телефони. Животот не треба да се живее преку екран и неговата смисла не е да ја направите совршената фотографија. Уживајте во моментите, луѓе! Престанете да се обидувате ги „фатите“ за сите останати.

Зборови што ќе ви го променат животот: 27-годишна девојка напишала писмо ден пред нејзината смрт

Едно случајно реторско прашање: Дали тие неколку часа што ги поминувате на правење фризура и шминкање секој ден или пред да излезете навечер навистина вредат? Никогаш не сум можела да го разберам ова за жените.

Станете некогаш порано и слушајте ги птиците додека ги гледате прекрасните бои на изгрејсонцето.

Слушајте музика… навистина слушајте ја. Музиката е терапија. Старата музика е најдобра.

Гушкајте го вашето куче. Мене ќе ми недостасува тоа.

Зборувајте со вашите пријатели. Оставете го телефонот. Дали тие се добри?

Патувајте ако тоа е вашата желба, немојте ако не е.

Работете за да живеете, не живејте за да работите.

Најсериозно, правете го она што ви носи среќа.

Изедете ја тортата. Без грижа на совест.

Не чувствувајте притисок да го правите она што другите луѓе го сметаат за исполнет живот. Вие сакате да имате просечен живот и тоа е сосема во ред.

Кажете им на вашите сакани дека ги сакате секогаш кога ќе имате можност и сакајте ги со сето ваше срце.

Исто така, запомнете дека ако нешто ве прави несреќни, имате моќ да го промените, без разлика дали се работи за проблем на работа или во љубовта. Имајте храброст да се промените. Не можете да знаете уште колку време ви останува на Земјата, па немојте да го трошите на несреќни чувства. Знам дека постојано го слушате ова, но станува збор за голема вистина.

Во секој случај, ова е само еден животен совет на една млада девојка. Земете или оставете, не се лутам!

Зборови што ќе ви го променат животот: 27-годишна девојка напишала писмо ден пред нејзината смрт

И уште нешто за крај! Ако можете, правете добри дела за човештвото и почнете редовно да дарувате крв. Ќе се чувствувате подобро со сознанието дека спасувате животи. Мислам дека оваа навика е потценета со оглед на тоа што секоја донација може да спаси 3 живота! Ова е огромен придонес што секој човек може да го даде, а процесот е многу едноставен.

Донациите на крв ми помогнаа да останам жива цела година, година за која ќе бидам засекогаш благодарна поради тоа што можев да ја поминам на планетава со моето семејство, пријатели и куче. Година во којашто ги поминав најубавите моменти од мојот живот.

…До следно видување.

извор: Кафепауза

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top