| четврток, 6 декември 2018 |

Новото поскапување на нафтата се заканува да го намали стандардот на граѓаните

Новото поскапување на нафтата директно удира по џебот на граѓаните. Цената на нафтата се заканува да го намали и онака кревкиот стандард на потрошувачите. Најголем удар од новата цената на нафтата ќе има врз потрошувачите ако се реализираат најавите за зголемување на транспортните услуги и евентуалното поскапување на лебот за кое се прават калкулациите.
Граѓаните стравуваат дека поскапувањето на нафтата ќе покрене цела една низа од поскапувања.
Нафтата и со последното поскапување е една од најевтините во регионот беше едно од објаснувањата кога се најавуваше воведувањето на акцизата но сепак гледано во однос на стандардот на македонските потрошувачи нафтата е скапа сметаат дел од експертите. И бизнис заедницата на новите даноци гледа како на дополнителен товар кој на крајот го плаќаат граѓаните.
Новата цена на дизелот е 58,5 денари од кои 30,4 денари одат за рафинеријата, 3,7 денари се за трговците а остатокот од 24,4 денари од секој литар одат на сметка на државата за акцизата, ДДВ-то, и мала ставка за задолжителни нафтени резерви и за животна средина.
И земјоделците се на удар од новата давачка. Здружението на земјоделска техника смета дека со новата акциза ќе поскапи транспортот а стравуваат дека ќе повлече и поскапување на ѓубривата и препаратите заради што очекуваат компензација од воведувањето на зелената нафта која е најавена за годинава.
За околу една недела регулаторната комисија треба да соопшти дали ќе има и нова цена на горивата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top