| четврток, 6 декември 2018 |

Успешна година за Балетот од МОБ: „Златна Оревокршачка“ за 2017 во рацете на креативниот ансамбл (видео)

Балетот на Македонската опера и балет оваа година е најуспешна институција од областа на културата. Тие  ја добија престижната награда „Златна Оревокршачка“ 2017 (“Lo Schiaccianoci d’Oro” 2017) на меѓународниот фестивал за танц, што се одржа на 11 декември во театарот Квирино, Рим (Италија).


На Гала вечерта, настапија балетските првенци на МОБ: Александра Мијалкова и Васил Чичијашвили.

-Наградата е доделена во категоријата за извонредност на театри во светот и била врачена вчера во театарот „Квирино“ во италијанската престолнина, велат од МОБ.

Во име на Македонската опера и балет наградата ја прими Олга Панго, уметнички раководител на Балетот, а ѝ ја додели балетската легенда од Италија, Карла Фрачи.

Македонската опера и балет од Претседателот Ѓорге Иванов доби и Орден за заслуги за народ. Ова признание МОБ го доби во годината кога одбележа 70 години постоење на Операта и 45 години од манифестацијата „Мајски оперски вечери“.

– Орден за заслуги за народ на Македонија на Македонската опера и балет. Горд на сите основоположници, сегашни афирмирани колеги и идните генерации талентирани Македонци. Благодарност до Претседателот на укажаната чест, како и на уважената публика без која денес не би славеле 7о години постоење на Операта и 45 години Мајски оперски вечери. честитки, рече Ѓорѓи Цуцковски.

Креативноста на тимот на Балетот дојде и пред Нова година. Таму балерините од Македонската опера и балет ги донираа своите шпиц патики за да се изработи новогодишна елка, која е поставена во фоајето на МОБ.

Идејата за празничната елка ја дала балерината Наташа Јосифовска, по што Балетот се организирал и добил плус 30 пара шпиц патики и балетска пачка од светски познатата компанија за балетска опрема „Гришко“, која има фабрика во Демир Хисар.

-Елката е изработена од дрво од сценографот во МОБ, Сашо Стојановски, а потоа сите заедно ја украсувавме. Ова ни е прва година и е супер идеја, а в година ќе се усовршиме, вели уметничката директорка на Балетот, Олга Панго.


Благодарност до Емил Петров и Доријан Миловановиќ, за видеото.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top