| четврток, 6 декември 2018 |

Жестоки протести во Бразил поради преголемо арчење пари за Мундијалот: Милион луѓе на улица

brazil protesti

Протестите во Бразил не спласнуваат, па минатата ноќ на улиците излегле најмалку еден милион луѓе. Протестите ја добиле и својата прва жртва – во градот Рибеиро Прето загинало едно момче.

Бразилските медиуми наведуваат дека момчето (18) загинало така што било прегазено од автомобил чиј возач се обидувал да избегне група демонстранти. Автомобилот погодил уште две лица.

Во Рио де Жанеиро, каде што се собрале повеќе од 300.000 луѓе, судирите избиле пред градските куќи, каде што полицијата фрлала солзавец на демонстрантите и пукала со гумени куршуми. Биле повредени повеќе од 60 луѓе, демонстрантите ги кршеле излозите од продавниците и ја краделе стоката, а метежот траел цела ноќ.

Во главниот град Бразилија демонстрантите се обиделе насилно да влезат во зградата на Министерството за надворешни работи, но полицијата ги спречила, пишува Вијести. Полицијата соопштила дека демонстрантите искршиле 55 прозорци на приземјето на Министерството за да влезат внатре. Исто така, скршени се стаклата и на катедралата на Бразилија. Во овој град се повредени 55 лица, од кои три потешко.

Во Виторија, во југоисточниот дел на Бразил, група демонстранти уништиле станица за наплата на патарина и се обиделе да влезат во судницата. Полицијата и таму употребила солзавец.

Во Салвадор де Баија, на североистокот, се собрале повеќе од 20.000 луѓе. Тие запалиле автобус изнајмен од страна на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), која го организира Купот на конфедерациите.

Купот токму сега се одржува во Бразил, а следната година таму ќе се одржи и Мундијалот. Демонстрантите го критикувале тоа што се даваат огромни суми за организирање на Мундијалот, додека Бразил има економски проблеми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top