| четврток, 6 декември 2018 |

Жерновски казнет од трудовите инспектори со 3000 евра

andrej-zernovski-1

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски извести дека вчера имало нова инспекција во општината, овој пат управна, и дека бил казнет со нови 3.000 евра од трудова инспекција.
„Манипулациите и притисоците во врска со работата на општина Центар мора да престанат, да се остави општината нормално да функционира за да продолжи да ги исполнува ветувањата и задачите поради кои и жителите на Центар ја дадоа довербата на актуелното раководство“, се вели во реакцијата на Жерновски.
Тој ги демантира информациите во некои медиуми во врска со вчерашната седница на Советот на општината.
„Предлагач на четирите Детални урбанистички планови е претседателот на Советот. Затоа, политичка манипулација е барањето на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, градоначалникот да биде задолжително присутен на седницата. Според Деловникот на општината, градоначалникот е должен да присуствува на седницата кога е предлагач на точка на дневен ред“, реагира Жерновски.
Тој објаснува дека во времето кога се одржуваше седницата ги извршувал редовните, однапред планирани обврски. Една од нив била и средбата со мисијата на ОБСЕ, предводена од амбасадорот Ралф Брет, кој меѓу другото изрази загриженост поради притисоците кои се вршат врз општина Центар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top