Традиционално „Република“ и оваа година направи ранг-листа на значајни ликови и настани за годината која измина. Сите се еднакво важни. Се разбира дека уште многумина заслужија да се најдат на овој список и нив ќе ги следиме в година.
Уметници, спортисти, лекари, научници се на годинашната листа на најзначајни личности што ја состави редакцијата на „Република“. Во годинашниот избор на „Република“ се тренерот на македонскиот и европски ракометен првак Вардар Раул Гонзалес, малиот Јане Велковски врзан во количка со дијагноза на спинална мускулна атрофија, Мартина Димоска, најмладата менторка во НАСА, диригентот Џијан Емин и Универзитетската клиника за детска хирургија.
Разул Гонзалес – „Ел команданте“
Два збора. Раул Гонзалес. Дојде тивко и влезе во легендите. Го извади цело Скопје на плоштад на 4 јуни, ден порано ракометарите на Вардар станаа европски клупски шампиони. Тоа беше триумф за вечност.
Популарнииот шпански стратег кој го доби прекарот „Ел Команданте“ пристигна во Скопје повеќе со тренерско искуство како помошник, но во Вардар направи бум и со освојувањето на Лигата на шампиони испиша нова ракометна историја за Македонија.
Специјализираниот сајт за ракомет „Handball-planet“ го прогласи Гонзалес за најдобар тренер во светот за 2017-та година. Шпанецот, кој многу брзо по доаѓањето во Македонија го научи и македонскиот јазик седна на клупата на Вардар во јануари 2014-та година и со целосна доминација му донесе вкупно 10 трофеи. Три во македонската лига, четири во Купот, два во СЕХА лигата и еден во Лига на шампиони.
Гонзалес го наследи Лино Червар на селекторката позиција во македонскиот национален тим и ќе ги предводи најдобрите македонски ракометари на претстојното Европско првенство (ЕП) во Хрватска кое почнува на 12 јануари.
За жал, по завршување на сезоната, Раул ќе ги напушти „црвено-црните“ и кариерата ќе ја продолжи во ПСЖ. Кога оваа вест беше објавена, тој потврди дека ќе остане на функцијата селектор, потенцирајќи дека неговиот договор е до 2020 година и има намера да го испочитува.
Мартина Димоска – најмлад ментор во НАСА
Младата Мартина Димоска на 22 години стана најмлада менторка на НАСА. Во 2014/2015 година таа го освои првото место на Меѓународниот натпревар за вселенски апликации на НАСА во Македонија при „Њуменс бизнис-акцелераторот“ и во 2017 година продолжи со своите огромни успеси. Таа постојано го надградува своето образование во домашни и во реномирани странски образовни институции и сега ја очекува својата трета факултетска диплома.
Димоска од малечка сонувала да биде дел од НАСА и среќна е што нејзниот сон станал реалност. Таа на 22 години веќе има стекнато дипломи по мехатроника, роботика и вградени системи на академијата „Њуменс бизнис-акцелератор“ и по аеронаутичко инженерство на универзитетот „Кент Стејт“.
– Јас сум единствена од мојата фамилија што се закитува со факултетска диплома и горда сум на тоа, а уште погорда сум што за скоро ќе се закитам и со трета, како инженер на материјали и нанотехнологии при Технолошко-металуршкиот факултет. Патот е навистина напорен. Треба да менаџираш добро со времето, треба да имаш огромно разбирање од пријателите и од семејството, а притисокот е огромен. Паралелните студии се многу напорни и додека има и потешки професори има и такви што ги разбираат трудот и амбицијата, па тука се да излезат во пресрет. Тоа е од огромна помош – вели Димоска, која беше прифатена како кандидат за летната школа во ЦЕРН – Женева, што и овозможи да се надградува во полето на системското инженерство паралелно со инженерството на материјали и нанотехнологии.
Јане Велковски – Момчето кое ги освои срцата
Деветгодишниот Јане Велковски е момчето кое оваа година ги освои срцата на сите. Јане има Спинална мускулна атрофија (SMA) и иако е во инвалидска количка има бескрајна љубов кон фудбалот. Силната волја да игра фудбал му донесе заслужено признание како Амбасадор во програмата „Игра за сите”, или „EqualGame” на УЕФА.
– Фудбалот е се во мојот живот. Сакам да го играм на видеоигри, во мојата градина, на училиште. Секаде каде што можам се дружам со фудбалската топка – вели малиот Јане за сајтот на УЕФА, која направи прилог за него.
Во 2015 година тој беше на операција во Париз и оди на 6-месечни прегледи со надеж дека еден ден ќе може да оди без помагало.
Една од желбите му се исполни во јуни годинава, кога со капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев заедно излегоа на терен на националната арена, пред мечот со Шпанија.
Приказната за Јане од Скопје го обиколи фудбалскиот свет, стигна до многу големи ѕвезди меѓу кои и Пол Погба, од кој деветгодишното момче добил ветување за средба со играчот на Манчестер јунајтед.
Јане го доби најголемиот аплауз на сцената на МНТ каде што беа доделени наградите на ФФМ за најдобрите во фудбалот. Тој доби неколку подароци, меѓу кои и дрес од најдобриот млад македонски фудбалер, Елиф Елмас.
– Јас имам болест на мускулите, што значи дека не можам да одам. Но не дозволувам никој да се шегува на сметка на мојот проблем со одењето. Сакам на светот да му пренесам порака дека сите сме еднакви и дека лицата со инвалидитет можат да ги прават истите работи како и останатите. Дури и да не можат, тоа не значи дека не можат да уживаат во животот – вели Јане.
Јане е вистинска сензација во Македонија. Неговата популарност почна да расте кога првпат се појави како придружба на репрезентацијата на Македонија на квалификацискиот натпревар против Шпанија во јуни. Но, една слика од УЕФА Супер Куп натпреварот во Скопје неколку месеци подоцна, која беше вистински хит на социјалните мрежи и во локалните медиуми, навистина го привлече вниманието во земјата.
– Кога УЕФА Супер купот се одржа на арената Филип Втори, влеговме во една соба во која имаше постери на ѕидовите. Се сликав со двете екипи, но кога го видов постерот од Роналдо каде тој се радува по постигнат гол, си реков дека можам да го имитирам. Го замолив дедо ми да ме слика и ја ископирав позата на Роналдо. Тоа е одлична фотографија. Понекогаш, кога играм фудбал, заборавам дека сум во мојата електрична количка. Се замислувам себеси како постигнувам голови како Роналдо и некогаш речиси заборавам дека не можам да одам – вели Јане, чија животната филозофија е да не се предава и смета дека сите треба да ги следат своите соништа.
И покрај тоа што има само девет години, Јане покажува неверојатна зрелост за своите години. Она што е централно за неговата личност е несомнената желба да се постигне невозможното и да се направи сѐ за да се постигне незамисливото.
Џијан Емин – Македонскиот диригент под отворено небо
Џијан Емин е сестран музичар со големо искуство во областа на музичката уметност. Повеќе од една деценија тој е прв хорнист во оркестарот на Македонската Филхармонија, а паралелно се појавува во разни состави како мултиинструменталист и композитор на музика за различни состави, музика за театарски претстави и филмска музика. Се јавува и како продуцент на неколку албуми, а досега бил и уметнички директор на неколку музички фестивали. Во сите функции вметнува сопствен индивидуален и мошне креативен израз, кој не може а да не се забележи.
Летово тој гостуваше на „Летниот фестивал“ во Будимпешта каде што диригираше со оркестарот „Данубија оркестра обуда“, а под отворено небо ќе прозвучија едни од најпопуларните француски шансони. Тој доби покана да гостува во унгарската метропола по успешниот концерт на Македонската филхармонија „Париз те сакам“, кој се одржа на 14 февруари по повод Денот на вљубените во Македонската опера и балет, а на кој беа изведени француски шансони со негови оркестрации. Концертот на Емин во Будимпешта следуваше по неговиот настап како диригент и оркестратор на десеттото издание на „Види музика, слушни слика, добиј книга“, кое годинава беше посветено на култната група „Пинк Флојд“.
Досега соработувал со повеќе реномирани музички имиња добитници на наградите Оскар и Греми, како: А. Р. Рахман, Франк Лондон, Боб Стјуарт, Франческо Беарцати, Лука Аквино, Џанлука Петрела, Малколм Брн, Дамо Сузуки, Дерик Меј, Хуан Аткинс, Џеф Милс, Глорија Естефан, групата „Аир“, „АХА“ , соработка со продуцентот на „Дафт Панк“ и многу други. Составен дел е и од многу други оркестри, вклучувајќи ја и Белградската филхармонија, оркестарот „Ноу Бордерс“, оркестарот „Исток-Запад“, оркестарот „Фејмс“ задолжен за снимање на филмска музика каде што освен како хорнист, работи и како оркестратор и диригент. Во изминативе години е потпишан како оркестратор на повеќе од 50 проекти од различни жанрови од кои најголем број се од светската филмска продукција.
Како диригент застанува зад пултот на повеќе оркестри како што се Македонската Филхармонија, Симфонискиот оркестар на Детроит, Симфонискиот оркестар на Мелбурн, Симфонискиот оркестар „Ламурo“ од Париз, Фламанскиот симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Кан, Белградскиот Симфониски Оркестар, Данубиа Оркестра Обуда – Будимпешта, изведувајќи музика за која е задолжен како композитор и оркестратор.
Во крајот на годината се одржа несекојдневниот Neuland Sensorium настан во Мала Станица, што всушност беше прв солистички настап во Македонија на Емин. Настанот беше на високо ниво, со голем оркестар и врвна техничка продукција, како дел од проектот Neuland во Македонија.
Универзитетска клиника за детска хирургија – Повеќе од 250 операции на отворено срце кај бебиња за четири години
На Клиниката за детска хирургија во рамки на Проектот за неонатална – детска кардиохирургија за четири години досега се направени повеќе од 250 операции на отворено срце кај бебиња од кои најголем број на возраст под една година. Проектот почна пред четири години со ангажирањето на проф. д-р. Вилјам Новик и проф.д-р Марсело Кардарели во рамки на Cardiac Alliance Foundation, а од јануари 2017 продоложи под водство на проф. д-р Слободан Илиќ од УДК Тиршова, Белград. Во изминатите четири години Клиниката соработувала и со проф. д-р Мила Стајевиќ од Институт за мајка и дете „Д-р Вукан Чупиќ” од Белград, како и со проф. д-р Мајкл Хублер од Универзитетската клиника за детска кардиохирургија од Цирих.
Во тек на овие четири години покрај операциите на отворено срце, биле направени и повеќе од 30 интервентни и дијагностички катетеризации (дијагностика, балондилатации, атрио-септетомии…). Во рамки на проектот се оперираат сите вродени детски кардиопатии вклучително и оние најсложените. Најмалиот пациент е опериран само неколку дена по раѓањето и имал 1,8 килограми.
Македонскиот тим самостојно изведува околу 70 отсто од преоперативниот, оперативниот и постоперативниот дел од лекувањето на децата со вродени срцеви аномалии.
Според хирургот Владимир Чадиковски, кој го предводи македонскиот тим, бројот на операции секоја година се зголемува 20-30 отсто, со цел да се достигне планираната бројка од 100-120 деца годишно.
– Во периодот од 1994 до 2002 година кога сите деца беа препраќани за оперативен третман во странство, само за илустрација, починати се 215 деца со срцеви мани кои не добиле шанса за третман. Овие бројки ја потврдуваат тежината и важноста на овој проект. Многу е важно да се подобри дијагностиката кај овој тип на патологија, за навремено решавање на истиот проблем – вели Чадиковски.
Според Чадиковски, многу е важно подигање на свеста и информираноста на бремените жени кај кои пренатално е виден плод со срцева мана по 25 гестациска недела (не се однесува на фетуси со пренатално потврдени тешки синдромски нарушувања).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.