| четврток, 6 декември 2018 |

УБК мора да се реформира

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во годишното обраќање во Собранието истакна дека во изминатите три години, повеќе од 30 отсто од идентитетите на нашите разузнавачи се откриени.

– Со тоа се предизвикани штетни последици од пропаднати операции во земјата и странство, загрозени се животи и уништена е агентурна мрежа за собирање на податоци – истакна Иванов.

Иванов порача дека е време да се врати јавната пристојност во јавната дебата.

– Нема посоодветно и подобро место за тој процес да започне од овој дом на демократијата. Пример треба да дадат и медиумите. На Република Македонија и е потребно слободно, независно и професионално новинарство, а не медиуми кои функционираат како експонати на политичките партии и пласираат лажни вести – рече Иванов.

Иванов во обраќањето се осврна и на потребата од борба против корупцијата и организираниот криминал и реформите во судството.

– Во тек се реформите во судството кои треба да се спроведуваат со еминентни, објективни и независни експерти, врз кои нема да се вршат партиски влијанија и притисоци. Само така ќе изградиме независно судство што ќе овозможи вистинско владеење на правото. Без сузбивање на криминалот и на корупцијата, на паразитската бирократија и клиентелизмот ние не можеме да градиме иднина за Република Македонија – порача Претседателот во обраќањето пред пратениците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top