Младински културен центар – Битола, по дванаесетти пат оваа година, го организира Меѓународниот младински арт фестивал “Битола отворен град 2013“.

Целта на фестивалот е да придонесе во афирмацијата на Битола како град со позитивни вредности и креативна енергија и нејзина промоција како центар на прогресивната младина на Балканот. Фестивалот трае четири дена и оваа година за прв пат терминот на одржување е крај на месец јуни, поточно од 26 – 29 јуни 2013 година.
Последната фестивалска вечер во организација на МКЦ-Битола и „Фреш Унион“, ќе го обележи големата журка на Широк Сокак (сабота 29 јуни во 21.00 часот) со британскиот диџеј Мајкл Греј, еден од најпочитуваните и најбараните музички уметници на глобалната музичка денс сцена, за кого ова е прво и ексклузивно гостување во Република Македонија.
Тој е еден од двајцата сопственици на познатата музичка продуцентка куќа „Фул Интеншн“ („Full Intention“) од Англија која во јуни ќе го промовира новиот музички материјал.
Како соло музичар, Мајкл Греј се прослави со синглот „The Weekend“.
На овој голем музички настан атмосферата ќе ја подгрее атрактивната Дјане Надине од Унгарија. Дјане Надине последните неколку години е еден од најбараните и најангажираните женски диџеи. Таа е признат уметник во својата професија позната по своите впечатливи авангардни настапи низ цел свет.

Програмата ќе биде збогатена со настапи на локални афирмирани битолски ДЈи кои традиционално ќе ја отворат музичката вечер.
Досега, со посетеност од над 4.000 публика главниот настан на Битола отворен град е најмасовен музички настан во Битола секое лето. Oваа бројка очекуваме да биде во голема мера зголемена со новиот концепт на ова фестивалско издание во рамките на Битфест 2013.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


