| четврток, 6 декември 2018 |

Промотивен концерт на воениот оркестар во Охрид

Воениот оркестар на Армијата на Република Македонија вечерва ќе одржи промотивен концерт пред граѓаните на Охрид, на плоштадот кај Стариот чинар во центарот на градот, пишува „Локално“.

На концертот ќе му претходи дефиле на Воениот оркестар со припадниците на баталјонот за почести, кои ќе се движат од Градското пристаниште низ Старата чаршија до местото на одржување на концертот, предвиден за 19 часот.

Според програмата, на почетокот гардистите на АРМ ќе ја изведат точката „Егзирцир“ со која ќе демонстрираат вештини и строева извежбаност во ракување со пушка. Воениот оркестар во едночасовниот насап ќе изведе нумери на познати светски автори, обработени за оркестарска изведба, а кои се атрактивни за различни генерации на слушатели.

На концертот е предвидено присуство на државниот секретар во МО Сашо Стефаноски, охридските пратеници во Собранието на Република Македонија, градоначалникот и претседателот на Советот на Охрид, општински советници, претставници на МО и ГШ на АРМ и други гости.

Промотивниот концерт на Воениот оркестар во Охрид е дел од проектот за соработка на АРМ со локалната самоуправа во Република Македонија, чија цел е јакнење на цивилно-воената соработка и приближување на Армијата до граѓаните. Проектот се реализира со поддршка на локалната самоуправа и нуди одлична можност за дружење на граѓаните со Армијата и во градовите каде АРМ нема свои касарни и гарнизони.

< П

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top