На следните претседателски избори во Либија кои што треба да се одржат во 2018 година најверојатно ќе се кандидира и Сејф ел Ислам, син на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи, соопштија од семејството.
Според портпаролот Басем ел Хашими ел Сол, синот на Гадафи подготвил програма и наскоро официјално ќе ги објави плановите дека ќе се кандидира.
Сејф ел Ислам бил сметан за потенцијален реформистички наследник на татко му во периодот пред 2011 година. Тој и понатаму е клучна фигура меѓу луѓето кои му останале лојални на Гадафи.
Сол за весникот „Египет денес“ истакнал дека во програмата на Сејф ел Ислам има предлози за кои се надева дека ОН би можеле да ги прифатат, што ќе помогне за воспоставување стабилност во земјата. Како приоритет тој го става јакнењето на безбедноста во меѓусебните односи со сите групи во Либија.
Изборите треба да се одржат кон средината на следната година. Сејф ел Ислам е втор по ред син на Гадафи. Моамер Гадафи има десет деца, од кои две се посвоени.
Тој кон средината на јуни е пуштен на слобода по повеќе од пет години затвор. Медиумите тогаш шпекулираа дека тој би можел да се појави како политичка личност. Во затвор беше поради воени злосторства од 2011 година, односно од револуцијата во земјата, кога беше убиен неговиот татко.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.