Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, со свечена академија денеска (17 декември) ќе ја одбележи 50 годишнината од формирањето на институцијата. Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, со свечена академија утре (17 декември) ќе ја одбележи 50 годишнината од формирањето на институцијата.
На свеченоста која ќе се одржи во малата сала на Македонската филхармонија со почеток во 19 часот, воведно обраќање ќе имаат директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, проф. д-р Славица Велева и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ проф. д-р Никола Јанкуловски.
Во чест на јубилејот ќе бидат доделени плакети и благодарници на институции и универзитети заслужни за развојот на Меѓународниот семинар за македонски јазик и за развојот на македонистиката во државата и во светот, а ќе биде промовирана и монографија „50 години Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура“, во издание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура е основан на 22 декември 1967 година и има пет основни дејности:
● организирање и грижа за работата на лекторатите по македонски јазик во странство;
● организирање летна школа со курсеви по македонски јазик и предавања од областа на македонскиот јазик, литература, историја и култура;
● организирање научна конференција на теми од македонскиот јазик и македонската литература;
● сопствена издавачка дејност за потребите на лекторатите, летната школа и научната конференција;
● организирање на подготвителна настава по македонски јазик за странските студенти што се запишуваат на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
Досега се одржани 49 летни школи, на кои учествувале повеќе од 3.000 учесници од над 45 земји, меѓу кои истакнати македонисти, професори по македонски јазик и литература на странските универзитети, слависти, балканисти, преведувачи, научни работници и студенти што го изучуваат македонскиот јазик во нашите лекторати и универзитетите во светот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.