| четврток, 6 декември 2018 |

„Меѓаши“: Децата итно да се пуштат на распуст поради енормната загаденост на воздухот

Под итно децата да се пуштат на распуст и помалите деца да не се пуштаат во градинка, бараат од првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ во Република Македонија.

„Имајќи ја предвид енормната загаденост на воздухот и неговото катастрофално влијание врз здравјето, бараме од централната и локалната власт под итно децата да се пуштат на распуст а градинките и сите установи каде престојуваат деца да се затворат се додека концентрацијата на ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките се намали во нормални граници и се додека од надлежните институции не се преземат соодветни, конкретни мерки за заштита“, стои во соопштението.

Од „Меѓаши“ најавуваат дека во спротивно целосно ќе го поддржат веќе најавениот бојкот од страна на родителите, најавен за 20 декември 2017.

Оттаму повикуваат борбата за правото на чист воздух да не се сведува на политичка и партиска пресметка.

„Апелираме дека состојбата со здравјето на децата станува се поалармантна. Се доведува во опасност животот на децата и се прекршуваат повеќе членови од Конвенцијата за правата на детето. Секое второ дете е со белодробни заболувања, астма, бронхитис и други здравствени проблеми. Апелираме дека доколку не се преземе итна заштита на децата од страна на надлежните институции, ќе бидеме приморани на ригорозни мерки, бојкот, протести, еко-герила активности, блокирање на патиштата“, наведуваат од „Меѓаши“.

Информираат и дека за состојбата ќе ги известат сите членови на Комитетот за правата на детето.

„Со загрозување на правото на детето на живот и здрава животна средина се прекршува и Уставот на Република Македонија. За оваа состојба во која се наоѓаат децата ќе бидат информирани и други меѓународни организации каде Меѓаши е членка“, се посочува во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top