Општото аерозагадување од честички, кое ги имаме и ние е прогласено за канцерогено од страна на Светската здравствена организација, посебно поради полнежот на честичките што имаат канцероген потенцијал. Во Македонија годишно од аерозагадување умираат меѓу 1.300 и 1.500 луѓе.
Денеска Скопје е на првото место во светот по аерозагадување. Градовите во Индија, Бангладеш, Пакистан, Индија, Монголија, Кина…на листата се далеку зад главниот град на Република Македонија. Македонската метропола се најде на врвот на листата според загаденоста на воздухот пред градови како Делхи и Калкута во Индија, Лахор во Пакистан, Улан Батор во Монголија, Ченгду и Пекинг во Кина.
Скопјани утрово ги разбуди магла „зачинета“ со специфичен мирис на платистика. Апликацијата „Мој воздух“ забележа присуство на 383 ПМ 10 честички на кубен метар во населбата Карпош, 316 во Центар, 291 во населбата Лисиче, 261 во Гази Баба и дури 395 ПМ 10 честички на кубен метар во реонот Ректорат.
За разлика од скопјани кои денеска дишат најзагаден воздух во светот, најчист воздух дишат жителите на Брисел, Лисабон, Будимпешта, Прага и Загреб.
– Во последните години бројот на денови во кои се надминува просечната дозволена концентрација е многу поголем од нормата. Според нормата, дозволени се 35 дена годишно. Ние имаме мерни места во Скопје, Тетово, каде што речиси цела година, или 200 дена во годината, концентрациите се над дозволените нивоа. Тоа е голем аларм и сериозно предупредување за преземање итни мерки – вели професор д-р Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје.
Загадениот воздух и маглата се најопасни за пациентите со хронични бронхити и пневмонии. Педијатрите се загрижени што временските услови можат сериозно да го загрозат здравјето на најмладите. Маглата и влагата прават комликации кај хроничните дијагнози како хроничен ринит, синузит, многу секрет кај децата и тоа и кај бебиња и кај децата. Покрај загаденоста, педијатрите овој период ја потенцираат и влажноста на воздухот која може да предизвикува респираторни заболувања и главоболки кај децата. Секое второ дете во Македонија лани имало респираторни проблеми, а за скопските деца се вели дека имаат намалени дишни функции.
Отежнато дишење, силни главоболки, зголемен крвен притисок се најчестите проблеми за кои граѓаните бараат спас на лекар.
Како последица од временските услови најмногу страдаат хроничните пациенти со белодробни и кардиолваскуларни заболувања на кои не им помага стандардната терапија која ја примаат.
Најчестите компликации предизвикани од временските услови според пулмолозите се отежнато дишење и болки во градите. Овие честички кои се и многу пати над дозволеното се штетни не само за лицата со ХОББ и астма, туку и за здравите. Лекарите апелираат редовно земање на хроничната терапија и да не излегуваат надвор кога е магливо и загадено.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.