| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски побара да биде избран нов претседател и раководство кое ќе ја врати ВМРО – ДПМНЕ на власт

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе Одлука со која што 22 и 23 декември 2017 година ги утврди како датум на одржување на вонредниот 16-ти Конгрес. Вонредниот 16-ти Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ќе се одржи во Валандово, а согласно Статутот на партијата на него ќе учествуваат 544 делегати од редовниот 15-ти Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, се вели во соопштението од партија испратено до медиумите доцна синоќа.

Врз основа на Статутот на партијата, Централниот комитет усвои заклучок согласно кој кандидат за претседател на партијата може да предложат најмалку 30 делегати на Конгресот. Еден делегат може да поддржи само една кандидатура за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Кандидатурите може да се поднесуваат најдоцна до 21 декември до 15 часот до правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ, во архивата на партијата.

– Оваа одлука беше донесена од Централниот комитет, откако претходно Претседателот Никола Груевски ја поднесе својата неотповиклива оставка. Во образложението до членовите на ЦК, Груевски истакна дека без разлика на фактот што анализите за изборните резултати се во тек, оставката ја поднесува како морален чин, бидејќи е природно човекот во кој сите имаат најголема доверба врз себе да ја преземе одговорноста за поразот и покрај сите фактори кои влијаеле. Груевски потенцираше дека овие избори беа едни од најнерегуларните каде што имаше еклатантни примери на притисоци, уцени, поткуп и заплашување, но исто така и разочараност меѓу дел од традиционалните гласачи на ВМРО-ДПМНЕ. Токму заради детектирање и корегирање на сите слабости, Груевски нагласи дека мора да се земе сериозно деталната анализа на изборниот резултат. Груевски побара од членовите на ЦК да биде изгласан терминот за вонреден Конгрес и да биде избран нов претседател и раководство кое ќе ја врати ВМРО-ДПМНЕ на власт, се вели во соопштението.

Во дел од дискусиите кои следеа беше побарано да се расправа и да се гласа за оставката на Груевски. Со оглед на тоа што таква расправа не е предвидена во правните акти на партијата, на гласање се стави предлог барањето за организирање на вонреден конгрес.

– При првото гласање не беше постигнато потребното двотретинско мнозинство. Пред второто гласање од страна на Претседателот Груевски беше посочено дека не станува збор за гласање „за или против“ него, и со дополнителни аргументи ги убедуваше членовите на ЦК да поддржат одржување на Конгрес. Потоа во вториот обид огромно мнозинство членови на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа одлуката за одржување на вонредниот 16-ти Конгрес во Валандово, информираат од партијата.

ЦК на ВМРО-ДПМНЕ дискутираше и за актуелната политичка состојба и најостро го осуди политичкиот прогон и монтираните обвиненија за измислен тероризам против пратеници, уметници, глумци, режисери и полициски службеници и генерално политички прогон на функционери и членови на ВМРО-ДПМНЕ.

ЦК на ВМРО-ДПМНЕ заклучи дека сите притворени мора безусловно да бидат ослободени и конструираните обвиненија против нив да бидат повлечени, бидејќи ваквата политика на хунтата на власт оди на штета на државата и граѓаните и дополнително ги зоврива и продлабочува кризата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top