Деведесет години по распадот на турското царство и од воспоставувањето на основите на модерна Турција, некогашната светска велесила повторно ја актуализира идејата за воскреснување на Отоманската Империја. Ако Германија е веќе докажан, традиционален турски партнер, Соединетите Американски Држави од втор план се појавија како значаен двигател на процесот на „отоманизација“ на регионите што некогаш беа дел од големата империја. Додека Турција со полна пареа работи на остварување на проектот „Отомански калифат“, Америка и ги „ослободува“ териториите што некогаш биле дел од царството преку воени интервенции водени под плаштот на заштита на човековите права.

– Помага ли Барак Обама во исполнување на планот на Турција што го турка со Германија во обновување на исламскиот калифат, кој повеќе од шест века ја контролираше југоисточна Европа, Западна Азија и Северна Африка – прашува историчарот Роберт Каплан, стручњак за модерна Европа, во неговата неодамнешна статија во која отвора дилема зошто САД активно ја промовираат целта на Германија, вклучувајќи го тука распадот на Југославија во деведесеттите години од минатиот век, но и реинкарнацијата на Отоманската Империја преку Арапската пролет.

Угледниот историчар гледа сличност меѓу ерата на Клинтон кога беше бомбардирана Србија и периодот на владеење на Обама во кое се вршат смени на режимите во арапските земји. Во овој период американската надворешна политика воопшто не е сменета и, што е уште поинтересно, се применува со едноставна шема.
– Уште од средината на деведесеттите години на минатиот век САД интервенираа во неколку вооружени конфликти во Европа и на Блискиот Исток – ја бомбардираа Србија за да се поддржи режимот на Изетбеговиќ во Босна во 1995 година, а потоа и за да ги поддржат муслиманите и УЧК на Косово во 1999 година. Ја бомбардираа и Либија за да го урнат режимот на Гадафи во 2010 година – вели Каплан.

Факт е дека во ниту еден наврат, ниту Клинтон, ниту Обама, не споменале дека причината за воените интервенции се обновата на Отоманската Империја. САД даваа други објаснувања за интервенцијата во Србија, вклучувајќи ги желбите за стратегиско позиционирање на Балканот, да се порази комунизмот во Југославија, да им се покаже на муслиманите дека САД не се антимуслиманска земја и да се редефинира улогата на НАТО во новата ера по Студената војна. Сепак, не може а да не се забележи дека по нападите на САД, во овие земји беа формирани доминантно муслимански режими, што се совпаѓа со идејата за враќање на отоманскиот калифат, односно проектот за сите муслимани да живеат во една земја. Историчарот во овие интервенции на Америка гледа веќе разработена шема, која се реализира на следниов начин:
– Сите овие воени интервенции на САД, кои следуваа од 1990 година до денес, (со исклучок на Ирак), се изведени по иста шема: прво има внатрешен вооружен конфликт по што следува воена интервенција. Американските медиуми во исто време водат жестока пропаганда во информирањето за овие настани. Секогаш „добрите момци“ се бунтовниците. „Лошите момци“ што ги напаѓаат Американците се „брутални антидемократи“, воени злосторници, извршители на геноцид и на злосторства против човештвото. Врвни јавни личности, невладини организации, правни и квазиправни тела и меѓународни организации повикуваат на поддршка на бунтовниците и на напад на режимот. Потоа, американскиот претседател дава наредба за американска логистичка поддршка и за воена помош за бунтовниците. На крај, претседателот на САД наредува воен напад под покровителство на НАТО со цел поддршка на бунтовниците. Нападите најчесто подразбираат бомбардирања од воздух без можност да претрпат поголема загуба од послабите противници. Крајниот резултат од секоја американска интервенција е замена на секуларната власт со исламистички режим во област во која порано се протегала Отоманската Империја, анализира историчарот.

Турција не ги демантира аспирациите
По Првата светска војна Турција го загуби статусот „господар на Блискиот Исток“ и стана сојузник на Западот. Таткото на модерна Турција, Кемал Ататурк, успеа да ја оддели религијата од државата, а гаранција на секуларноста беше војската. Но, пред десет години власта ја презеде конзервативната Партија на правда и на развој, на чело со премиерот Реџеп Таир Ердоган, кој видно застранува од поставените основи на денешна Турција фокусирајќи се на исламските вредности. Идејата за враќање на врските со регионите, кои некогаш биле дел од големото царство, Ердоган го најави уште вечерта кога се славеше изборната победа. Новиот турски премиер го подели успехот со муслиманите во Северна Африка, на Балканот и на Блискиот Исток, со други зборови, во сите подрачја што своевремено биле дел од Отоманската Империја. Актуелната власт во Турција не сака да ја именуваат трансформацијата на земјата со терминот „неоотоманизам“ иако не ги негира аспирациите. Министерот за надворешни работи Ахмет Давутоглу, кој важи за еден од највлијателните луѓе во светот, наметливата надворешна политика и регионално присуство го објаснува едноставно како прагматична политика без империјалистички амбиции.

– Зошто кога Европа ги укинува границите и се обединува не ја нарекуваат неоримјанска или Нова Света Римска Империја, а кога ние ги повикуваме на обединување луѓето што живееле заедно пред само еден век сме обвинети за неоотоманизам – вели Давутоглу.
Давутоглу не ги демантира аспирациите отворено признавајќи „ние не ги негираме нашето отоманско минато. Многу природно право за нас е денес да ги користиме убавините на Отоманската Империја. Треба да се надградиме во секоја смисла- социјална, економска и политичка“.

Сепак, идејата на Турција не е за враќање на отоманскиот романтизам, туку за редефинирање на духот на суштината на една комбинација од западните иновации и локалната култура, традиција и историските врски – односно „западна техника со отомански дух“.
Турција интензивно инвестира во нова империја
Како најголема економска сила во регионот, Турција се обидува да наметне комплетно влијание врз земјите од регионот, како на дипломатски, така и на економски и на воен план. Со голема помош на САД, благодарение на геостратегиската положба, во следниот период се предвидува да стане средиште на трите континенти на кои се протегаше пред еден век.
Не случајно, во последните години Турција има остварено 100 милијарди долари странски инвестиции во регионите што некогаш биле под османлиска власт. Голем дел од овие пари завршија во земјите на Балканот – Босна и Херцеговина, Косово, Албанија, Македонија, а се обидува да влезе и во Србија и во Хрватска… Во обидот да наметне целосна доминација на Балканот и за остварување на своите цели во сите сфери има голема помош од Вашингтон, кој не случајно ужива голема популарност меѓу муслиманите на Балканот.
Угледниот весник „Вашингтон пост“ пред два месеца укажа на фактот дека политиката што ја води Турција денес има исти цели како и пред пет века, но методологијата на остварување е целосно различна.

– Турските инвестиции го преплавија Балканот, дури и во Хрватска и во Србија каде што христијаните го гледаат „султанот“ како окупатор, а не како ослободител – вака еден весник го опишува влезот на странскиот капитал на Балканот.
Според весникот, растечкото влијание на балканските земји ѝ овозможува на Турција да го шири влијанието и врз западна Европа во моменти кога нејзиното членство во ЕУ е доведено во прашање. Дека Турција интензивно работи на обновување на Отоманската Империја потврдува и Амир Зукиќ, шеф на одделот на турската новинска агенција „Анадолија“ со седиште во Сараево.
– Турските лидери работат на создавање ново царство. Турција, која е поранешна регионална сила, се обидува да се врати во голем стил – вели Зукиќ.
САД повеќе од една деценија се обидуваат да извршат притисок врз Европската унија да ги отвори границите за Турција. Поранешниот претседател на САД Бил Клинтон при посетата на Анкара во 1999 година изјави:
– САД не се членка на ЕУ, но постојано инсистирам европските интеграции да се одвиваат брзо, вклучувајќи ја и Турција. Сѐ уште има такви што ја гледаат Европа во нејзините природни граници. Нивната Европа, можеби, е до оваа планина, или уште полошо до тука каде што луѓето почнуваат да го обожуваат Бог на поинаков начин – изјави Клинтон.
Во 2004 година, пак, наследникот на Клинтон, Џорџ В. Буш, при посетата на Турција изјави дека со членството на Турција во ЕУ ќе се докаже дека Европа не е ексклузивен клуб на единствена религија и ќе покаже дека „судирот на цивилизациите“ е само историски мит.

Изразувајќи ја поддршката за членство во ЕУ, Вашингтон го величи историскиот секуларизам на земјата, кој во реалност е прилично слаб и се одржува со „бајонет“. Душата на секуларната држава е во рацете на турската војска, која е принудена да врши државен удар речиси на секои десет години за да ја урне исламската влада, која, пак, во текот на своето владеење прави сѐ за да ја намали моќта на армијата.
Така, спротивно на својата официјална реторика, излегува дека САД, всушност, се сојузник на исламистите, а противник на западните вредности. Новата турска тактика, пак, на неоосманлизам, со користење историски, економски и културни врски на просторите на поранешното царство стана ударна тупаница на Турција како регионална суперсила, која на голема врата се враќа на загубените територии.
(Текстот е објавен во 41 број на Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


