| четврток, 6 декември 2018 |

Дескоска ќе ги ревидира учебниците по историја: Ќе се отстрануваат ,,невистинитите факти’’!

На денешната прес конференција министерката за образование Рената Дескоска одговарајќи на новинарското прашање дали ќе бидат формирани комисии поврзани со договорот со Бугарија кои ќе работат на ревидирање на македонската историја во учебниците по историја, рече дека согласно договорот ревизија ќе има, од историските учебници ќе бидат отстранети ,,невистинитите факти’’, говор на омраза, предрасуди, стереотипи и дискриминација.

На ова влијателниот историчар и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Никола Србов на својот фејсбук профил објави:

,, Министерката Десковска вели во учебниците по историја ќе имало промена на „лажни факти“. Јас не знам кој ја советува но ова е големо не познавање. Госпоѓо министерка не постојат „лажни факти“, историската фактографија е усогласена на светско ниво, а секако и тука на Балканов. А што е фактографија? Пластично објаснето: датумот кога е роден Делчев, неговото образование, неговото учество на Конгрес, основањето на четничкиот институт итн, тоа се ФАКТИ. Прашањето е, што ќе менувате од ова министерке?

Македонската и бугарската историографија немаат никакви недоразбирања околу фактите, недоразбирањата се околу ТОЛКУВАЊЕТО на фактите. Бидејќи кај нас сите мислат дека историјата е сувопарно прераскажување на датуми, вклучително и министерката и нејзините советници, бидејќи кај нас секој си зема за право да се бави со историја, и од лево и од десно, ќе треба да им се објаснува дека историјата е анализа на фактите со причинско последични врски и дека не може секој кој ќе се запие во меана да биде историчар.

Министерке, националното чувство на одредени историски личности не спаѓа во ФАКТИ. Не може да се менува идентитетот на еден цел народ заради исказот на некоја историска личност во даден момент. А кои се причините за таквиот исказ? Можеби се само прагматични за бенефит на Организацијата и делото.
Ред е министерката да обзнани кои се тие бисери кои ќе ни ја ревидираат историјата, сакам да знам кои се тие скриени таленти кои ќе ревидираат труд на една цела фела.

Историјата не се дати и цитати од историски личности’’

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top