| четврток, 6 декември 2018 |

Рената Тренеска – Дескоска е нова потпретседателка на Собранието

рената

Рената Тренеска – Дескоска денеска со 86 „за“ и еден „против“ е избрана за потпретседател на Собранието на предлог на пратеничката група предводена од СДСМ. По гласањето Тренеска Дескоска даде свечена изјава дека совесно, одговорно и во согласност со законите и Уставот ќе ја извршува оваа функција.

Пратеникот Горан Мисовски кусо образложи дека Тренеска – Дескоска е позната во општествениот и политичкиот живот, професор е на Правниот факултет, доктор на науки, автор и коавтор на преку 30 книги и сто трудови. Изрази надеж дека таа ќе води некои од седниците на Парламентот.

Повтори дека враќањето на опозицијата во Собранието е само поради постигнатиот договор во Пржино и се наврати на причините поради кои опозицијата дури на 1 септември се приклучи во работата на Собранието.

– Овој парламентарен состав ќе мора да донесе нов изборен закон, законско решение за специјален обвинител и да изгласа специјален обвинител и да изгласа оставка на Никола Груевски – рече Мисовски.

Собранието односно владејачкото мнозинство, според пратеникот на НСДП, не ја научила лекцијата од 24 декември и оти во последните неколку месеци по скратена постапка се донесени 289 закони.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски посочи какви закони се донесени во периодот додека опозицијата отсуствуваше од Парламентот а кои се однесуваат за подобрување на животот на граѓаните.

– Тоа што го видовме од вас е како мирно стоевте на прес-конференциите на лидерот на опозицијата Зоран Заев, а патем земавте плата од Собранието – реплицираше Димовски.

Подоцна тој апелираше до пратениците на СДСМ спротивно на одлуката на нивната партија да не бидат послушници на партиските одлуки, да прифатат понуда од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и да се изгласа промена на изборниот модел во мнозински систем и партиите во своите населени места да се соочат и да се види кои пратеници биле избрани без гласови.

– Тогаш ќе видиме колку пратеници СДСМ ги има од Прилеп, ќе видиме колку ќе има од Велес, од Охрид, од Штип, од Пробиштип…. Затоа ве молам, ова го кажувам добронамерно од аспект дека не е добро уште на првата седница да почнеме со навреди, со омаловажувања, со закани. Немој да мислите, искрено кажувам, дека некој ви се плаши – рече Димовски одговарајќи на обвинувањата на опозициските пратеници на сметка на власта и заканите дека ќе ги изгубат изборите во април в година.

Ние, дополни тој, нашата сила не ја црпиме ниту од вас, ниту од никој друг, туку ја црпиме од нашите сограѓани.

– И секогаш кога ќе работиме врз принципи и очекувања на граѓаните, секогаш кога ќе гласаме програма за која сме добиле легитимност, секогаш кога ќе зголемуваме плати, секогаш кога ќе зголемуваме пензии, социјални помошти, секогаш одлучуваме за нови училишта, за нови болници, за реконструкција во болниците сме силни, а тоа го правиме во континуитет – истакна Димоски.

Обраќањата без почитувања кон колегите пратеници и претседателот на Собранието, според Димовски само покажува за нив и како политичка партија и како политичка мисла, и како поединци.

– Дали вас ви се допаѓа тоа што мнозинството на избрани пратеници не се согласува со вашата политика е ваше право, но немате право да бидете тиранија на малцинството врз мнозинството – рече Димовски.

Потсети дека во мандат кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт изгласа обврска еден од потпретседателите да биде избран по предлог на најголемата опозициска партија. – Тоа зборува за демократичност и за пристап кон работата. Врз база на таа наша одлука и врз база на конзистентност на нашите одлуки пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе гласа за предлогот на СДСМ за потпретседател на Собрание да биде колешката Рената Тренеска Дескоска иако врз база на нашето искуство со претходните потпретседатели или претходните претседатели на комисии и на работни тела во Собранието често бевме доведени во ситуација функциите коишто се доделени на пратеници од опозицијата да бидат злоупотребувани заради блокада на закони, заради деструктивно однесување, заради обиди да не се донесе буџет на државата, често дел од пратениците беа во улога на директни извршители на напад врз свои колеги пратеници и врз институцијата претседател на Собрание – рече координаторот на ВМРО-ДПМНЕ.

Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ праша зошто пратеничката група на СДСМ вчера предложи пет нови закони, ако се вратија во Собранието само за исполнување на договорот од Пржино. Според него, опозицијата повторно ќе изгуби на изборите.

Собранието не треба да се злоупотребува од страна на пратениците за политичка кампања, предупреди независната пратеничка Солза Грчева, која и порача на опозицијата дека договорот од Пржино за нивното враќање е само краткорона замка и изговор и оти до изборите во Собранието има уште многу работа.

Пратеникот Горан Милевски од ЛДП, го поздрави предлогот Тренеска Дескоска да биде избрана за потпретседател на Собранието. Рече дека е вистинско решение за ова место. Тренеска Дескоска, според него, во периодот што следува има многу важна задача да помогне да се врати довербата во Собранието и да се спроведе договорот од Пржино.

– Сите ние ќе направиме се договорот од Пржино да се имплементира и да се врати демократијата – рече Милевски, кој исто како и неговите колеги од опозицијата изнесоа низа обвинувања на сметка на практикувањето на власта и работата на пратениците.

Лилјана Кузмановска му реплицираше дека пратениците од опозицијата го користат изборот на потпретседател за себепромовирање.

– Ние ќе го гласаме предлогот, но вие треба да го прочитате Деловникот и така да се одвива седницата – рече Кузмановска.

На седницата беа изгласани и одлуките за пополнување на испразнетите места во собраниските комисии и тела од страна на пратеници на опозицијата.

Собранието го одржа продолжението на четвртата седница на која се констатира повлекувањето на оставките на пратениците од опозицијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top