Од денеска електронската верзија на Правописот на македонски јазик е бесплатно достапна за симнување и за пребарување на Интернет на адресата www.pravopis.mk.
На страницата ќе може бесплатно да се најдат правописните правила, односно правописот на самогласките и согласките, употребата на голема буква, слеано и разделено пишување на зборовите, делење на зборови, интерпункциски знаци и правописни знаци, како и скратеници и транскрипции.
Ова е последното, второ проширено издание на Правописот, кое излезе во печат во март 2017 и во неговото издавање учествуваа Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и издавачката куќа “Култура“.
Второто издание претставува колективен труд, во чија работа учествуваа вкупно 48 автори, специјалисти во своите области водени од редакцијата во состав: д-р Живко Цветковски (претседател), д-р Снежана Веновска-Антевска, д-р Симона Груевска-Маџоска, д-р Елка Јачева-Улчар и д-р Симон Саздов.
Веб-страницата е во сопственост на издавачот на електронското издание на Правописот на македонски јазик, Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“.
Електронската верзија е резултат на иницијатива на Владата, Министерството за култура, издавачката куќа „Култура“, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и Редакцијата на второто проширено издание на Правописот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.