Новиот Правопис на македонски јазик ќе биде поевтин. На вчерашната седница на Советот за македонски јазик, што е владино тело, авторите оцениле дека се оправдани реакциите во јавноста и дека цената од 1.500 денари за Првописот е превисока.
Советот на Министерството за култура ќе предложи печатење на помалку луксузно издание со пристапна цена. Со ова се сложиле сите членови на Советот, кои ќе го дадат својот предлог до издавачот, Институтот за македонски јазик и Министерството за култура, кое го финансираше изданието. Ова денеска во Штип на прмоцијата на Правописот го изјави раководителката на проектот, Елка Јачева – Улчар.
– Правописот треба да си го најде местото во сечиј дом, затоа што нам, како на учители по македонски јазик главната грижа и цел ни е токму тоа и затоа сметам дека реакциите се оправдани. Во однос на тиражот, тоа беше единствениот начин да се појави нов правопис, затоа што на друг начин не можеше поинаку да се изведе. Но, тоа не значи дека ќе се остане на овој тираж и дека потребата што се чувствува и во образовниот процес и меѓу лекторите и преведувачите, стручните лица и конечно меѓу секој граѓанин, зборувач на македонскиот јазик, секако ќе биде задоволена – изјави професорката Јачева- Улчар.
Според неа, издадените 500 примероци се максималниот тираж што е определен од конкурсот за Годишната програма за печатени изданија на Министерството за култура.
Универзитетскиот професор по македонски јазик, Благој Китанов рече дека 300 денари за примерок е цена што моѓе да си дозволи секој да го има.
– Мојот професот Блаже Конески (го составил првиот Правопис на македонскиот литературен јазик) велеше: Правопис не се учи со читање. Правопис се учи со пишување, но задолжително треба да се има при рака и Правописот – рече Китанов.
Раководителката на проектот не знаеше да каже дали ќе има електронско издание на Правописот, бидејќи како кажа, тоа е прашање за издавачот и на Министерството.
Новиот Правопис на македонски јазик е првото издание по она во 1998 година. Содржи правила за правилно пишување. Ова издание содржи дополнување со нови примери, транскирпција од туѓи јазици на македонски јазик и е дополнето со цело ново поглавје со практични примери за тоа како се цитираат библиографски единици, како се пишуваат административни документи како молба, жалба, потоа пишување на стручни термини како хемиски елементи и мерни единици.
На Правописот две ипол години работеше тим од 48 автори под раководство на петчлена редакција. Првиот Правопис на македонски јазик е издаден пред 70 години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.