Под крушевските куќи и улици откриен тунел од пред 150-ина години за движење на Илинденските револуционери. Нашата немарност направи тој да остане тајна…
„Еден од мајсторите рече дека наидол на тунел, па му рековме да видиме до каде води. Соѕидан е во вид на свод- малце да се наведнеш може да продолжиш понатаму. Отиде повнатре, а извади сандук полн со муниција и пиштол“, вели Домника Ѓорческа.
Иако никој не се погрижил да се документира и да се истражува новото поглавје од Илинденската историја, историчарите недвосмислени- камениот тунел преку кој се извлекувале револуционерите постоел.
„Станува збор за тунел кој почнува од куќата на Томе Никлев, првиот началник на Крушевската револуционерна околија, изграден бил од камен во форма на свод, откиена е и една мала сала на средина, во која имало малечка масичка, наречена синија со чекмеџе полно со муниција и неколку револвери“, вели историчарот Зоран Богески.
Тунелот не случајно е ископан во тој дел од Крушево. На оваа улица живееле револуционери и членови на Крушевската влада. Ѕидани или земјени, тунелите за извлекување или тајна комуникација на македонските револуционери биле практика од средината на 19-иот и почетокот на 20-от век во оклината на Крушево и други реони во Македонија.
„Еден тунел се споменува во селото Горно Дивјаци, каде што дел од крушевската чета успеала да се извлечи и спаси“, додава историчарот Богески.
Македонската земја сѐ уште крие делови од историјата. Немарноста кон откритијата е недозволива.
Извор: www.mrt.com.mk
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.