Возачите во Европа веќе со години се чувствуваат како да се ограбени кога ќе застанат на каса на бензинските пумпи за да го платат горивото што го наточиле во своето возило. Цените на бензините и на дизел-горивата отидоа до небо во цела Европа, а поскапувањата не ја одминаа ни Македонија. Сето тоа директно се одрази на џебот на потрошувачите, но и на другите сектори во стопанството, кои зависат од нафтата и од нејзините деривати. За сето тоа време, големите нафтени компании триеја раце и го собираа кајмакот од дополнителната заработка не грижејќи се многу за џебот на своите клиенти. Сепак, од мај, спокојот на неколку европски нафтени гиганти е нарушен од истрагата што ја поведе Европската комисија во Велика Британија поради сомневања дека постои можност цените на нафтата и на нејзините деривати, навистина, да биле „пумпани“ на штета на британските возачи со што семејниот буџет би бил оштетен за повеќе илјади фунти.
Цената на нафтата на светските берзи во последните неколку години порасна повеќе од четирипати. Од 2002 година до 2012 година барелот поскапи од 22 долари на повеќе од 100 долари, а во јуни 2008 година достигна и рекордна вредност од 133,93 долари за еден барел. Колкава ќе биде цената зависи од повеќе фактори, меѓу кои показателите за глобалната економија на земјите, конфликтите на Блискиот Исток каде што се произведува голем дел од нафтата, силата на доларот што се користи како валута за трговија со нафтените производи, како и влијанието на ураганите врз рафинериите во Мексиканскиот Залив. Поради сите овие фактори, стручњаците велат дека нафтените компании имаат мала можност за манипулација со цената, но и покрај тоа, ако дојде до такво нешто може на направи голема штета за крајните корисници.
– Дури и мала разлика во формирањето на цените може да предизвика штета кај крајните корисници – сметаат од Европската комисија, под чијашто наредба се врши истрагата.
Европската унија се плаши дека овие неколку конкурентски нафтени компании меѓусебно соработувале при манипулациите со цените на горивата преку презентирање лажни цени и спречување други компании да формираат своја цена. Претседателот на асоцијацијата на трговци на бензин во малопродажба во Британија, Брајан Мадерсон, тврди дека манипулацијата со критериумите за формирање на цените во текот на изминатите десет години можело да ги чини возачите по „неколку илјади фунти секој“.
Оваа асоцијација на неколкупати ги предупредила вработените во регулативните комисии дека цената на горивата се формира со манипулации.
– Покачувањето на цената на бензинот минатата зима не може да се објасни со основите на понудата и на побарувачката, несекојдневните геополитички настани или со кои било други фактори – вели тој.
Кои компании се под истрага?
Европската комисија не соопшти конкретно кои компании се под истрага, но дел од нив веќе потврдија дека во нивните седишта се извршени претреси. „Бритиш петролеум“ соопшти дека компанијата целосно соработувала со истрагата, но не и други детали.
И од „Шел“ потврдиле дека компанијата моментно „ѝ асистира на Европската комисија“, но „во интерес на истрагата“не кажуваат никакви други детали. Покрај гигантите „Бритиш петролеум“, „Шел“, се проверува документацијата и на норвешки „Статоил“.
Интересно е што во истрагата е вклучена и агенцијата „Платс“, подружница на „Мекгроу хил фајненшл“, која собира и обезбедува податоци и информации за енергетскиот пазар.
Трите нафтени компании се главните производители на нафта и на нафтени деривати во меѓународната енергетска индустрија, а агенцијата „Платс“, пак, објавува цени за тргување на многубројни артикли, со помош на информациите што секојдневно ѝ ги праќаат овие компании. Информациите доброволно се објавуваат од нафтените компании, трговците, големите потрошувачи, како авиокомпаниите и други учесници на пазарот.
По прибирањето на податоците, уредниците на „Платс“ ги анализираат и вршат процена на цената за секој нафтен производ на крајот од секој трговски ден. Нивните информации ги користат другите компании како критериум при продажбата на нивните производи, (како гас или авионско гориво) на клиентите на отворениот пазар.
Се претпоставува дека манипулациите со цените траат од 2002 година, кога „Платс“ го почнала својот ценовен систем за Европа – (MOC). Сомневањата се дека компаниите што се под истрага давале невистинити информации до агенцијата, кои потоа влијаеле на продажните цени на горивата што се точеле на бензинските станици низ Британија.
Сите шпекулации за вештачко зголемување на цените на горивата засега се само сомневања. Од Европската комисија велат дека нема законски рок во кој треба да се заврши истрагата, па така може да поминат години додека се дознаат финалните заклучоци. Тоа што може да се очекува во скоро време е да се засилат притисоците за посилна контрола на сите учесници во процесот на утврдување на цените, како за агенциите така и за нафтените компании.

Средби на директорите на конкурентските компании
Додека трае официјалната истрага, британските медиуми на големо „копаат“ по нови детали за ценовните манипулации. Магазинот „Сан“, повикувајќи се на информации од анонимен извор, кој работел во нафтениот гигант „Шел“, објави дека поранешниот директор на „Шел“ одржувал тајни состаноци со шефот на „Бритиш петролеум“.
Поранешниот прв човек на „Шел“, Џероун ван дер Вер (2004-2009) се среќавал еднаш годишно со својот „конкурент“ од БП Џон Браун исклучително сами во седиштето на компанијата во Лондон. Просторијата била „чиста“, без „бубалки “ за прислушување и траела околу два часа, а за сето тоа време целиот кат бил блокиран и испразнет.
– Беа само тие двајца – шефовите на двете ривалски компании, без помошници и без заменици. Јас и сите други што знаат за овие средби мислиме дека разговарале за цените на нафтата – вели изворот.
Лордот Браун, кој бил прв човек на БП од 1995 година до 2008 година признал дека имал средби со шефовите на други конкурентски компании. Во мегааферата се претпоставува дека биле оштетени повеќе од 31 милион возачи во Британија за по повеќе од 10.000 фунти секој.

Првите луѓе на нафтените гиганти се соочуваат со затвор
Првите луѓе на нафтените гиганти се соочуваат со затворска казна ако се утврди дека конспиративно ги договарале цените на горивата и вештачки ги одржувале на високо ниво, предупреди британскиот премиер Дејвид Камерон.
Премиерот дополнително го зголеми притисокот врз БП и врз „Шел“ инсистирајќи во овој случај да биде применето новото законодавство што влезе во сила минатиот месец.
– Ова се многу загрижувачки обвинувања. Ако се вистинити, се многу сериозни – рече Камерон, кој воедно најави „тешки последици“ ако се докажат обвинувањата.
Истрагата ќе биде тешка и може да трае и подолг период, но ако се докаже тврдењето за местење на цените на горивата, тоа ќе значи затворски казни за првите луѓе на овие гиганти, а целиот случај можно е да имал импликации и надвор од Британија.
(Текстот е објавен во 38. број на Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


