Американската компанија „Гугл“ лансира во стратосферата 30 балони кои преку безжични предаватели монтирани во нив ќе го направат интернетот достапен во најдалечните делови на Нов Зеланд.
Овој пилот-проект под името „Лун“ претставува почеток на кампањата на интернет гигантот да овозможи пристап до интернет во најдалечните делови на планетата Земја.
Лабораторијата на „Гугл“, од каде што досега излезе автомобилот без возач и очилата за сурфање на интернет, работеше година и половина за да дојде до првиот пробен лет на балонот. Целта на проектот е лансирање на илјадници балони во стратосферата и со тоа надминување на дигиталниот јаз меѓу 2,2 милијарди луѓе што користат интернет и 4,8 милијарди кои се надвор од мрежата.
Доколку проектот успее, технологијата ќе овозможи намалување на трошоците за поставување оптички кабли и ќе помогне за зголемување на користењето на интернетот во Африка, југоисточна Азија и други изолирани делови на светот.
– Интернетот е веројатно една од технологиите што најмногу го променија нашето време – изјави лидерот на проектот Мајк Кесиди.
Балоните се напојуваат преку соларни плочи кои за четири часа обезбедуваат доволно енергија за цел ден. Тие се движат под сателитите, но на висичина двојно поголема од авионите, додека сигнал примаат од станици на земјата.
Сигналот патува низ делови за кои не е потребна дозвола, поради што компаниите нема да мора да минуваат низ комплицирани постапки за да обезбедат безжична комуникација.
Сите корисници на интернет преку„Гугл“ ќе мора да поседуваат приемник, кој треба да биде поврзан со компјутер за да добие сигнал. Трошоците за тоа сѐ уште не се познати. Следната фаза од проектот, според Мајк Кесиди, предвидува лет на 300 балони јужно од Нов Зеланд, над Австралија и над Чиле.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.