| четврток, 6 декември 2018 |

Претставата „Бакнати од сонцето“ викендов во Мала станица

После успешното учество на овогодинешниот меѓународен театарски фестивал „Млад отворен театар“, претставата „Бакнати од сонцето“ ќе биде одиграна по повод 3-ти декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Претставата ќе имате можност да ја погледнете во недела, на 3 декември 2017 година, во Мала станица, со почеток во 19 часот.

Претставата е авторско дело на членовите на „Театар Пи“, Златко Митрески и Македонка Илиевска, и на актерите – лица со интелектуална попреченост од Дневниот центар „Порака“ – Скопје.

Во перформансот, учесниците преку игра, танц и иновативно користење на проектирани видео клипови, ги презентираат своите светогледи, говорат за нивните потреби, но и искажуваат една универзална љубов кон актерската игра, потребата за себе-изразување и потребата да бидат разбрани и прифатени од општеството.

Влезот за претставата е бесплатен.

-Митревски и Илиевска успеваат како ретко кои домашни автори да создадат едно чувство на интима во перформансот, на дијалог без зборови меѓу публиката и актерите. Додека го гледате перформансот, се чувствувате вовлечени во внатрешниот свет на секој од актерите. Ги живеете и се соживувавте со нивните емоции, пренесени со една скоро детска искреност. Одлично аранжираниот музички избор, на моменти енергичен, хаотичен, подоцна смирен, интроспективен, само служи да го потенцира чувството на исполнетост, заокруженост, и да го олесни комуницирањето на примарниот наратив на перформансот. И токму во моментот кога почнувате да мислите дека тоа што го гледате е премногу, дека сетилата Ви се задоволени до нивниот максимум, перформансот завршува. Многу може да се збори за театарот, но една од одликите на вистински добрите автори е тоа што знаат кога и како да ја затворат приказната – без претенциозност, без непотребно проповедање. Што се обидувам да кажам? Сакам да кажам дека екипата одлично гаѓа во целта. Накратко, Бакнати од Сонцето е можеби најдобрата македонска претстава која ја немате видено. Топло ја препорачувам, вели Атанас Димитров, Радио МОФ

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top