| четврток, 6 декември 2018 |

Наташа Сарџоска италијанската кујна ја зачини со поезија (галерија)

Поетесата и книжевен преведувач Наташа Сарџоска  беше дел од манифестацијата „Недела на италијанскиот јазик“ , која се одржа во организација на Амбасадата на Република Италија во Македонија, но исто така имаше значаен удел во манифестацијата „Недела на италијанската кујна“  во чии рамки се одржаа бројни поетски читања, музички настани, испробување на традиционални италијански рецепти, како и дегустација на вина.

Во книжарницата „Метаноја“, во центарот на Скопје се одржа прекрасна вечер посветена на италијанската поезија, која ја рецитираше Сарџоска, како и музички настап на Бона Деа и се разбира вкусот на виното беше задолжителен елемент.

Таа читаше стихови од италијански поети на македонски и италијански јазик на тема вино, а Бона Деа изведоа италијански песни на тема вино и гастрономија.

Сарџоска објавила неколку книги поезија и влегла во потесен избор за наградата за најдобра поетска книга „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата. Нејзината поезија е преведена на српски, шпански, италијански, турски, хрватски и англиски јазик. Пишува и есеи, раскази и се занимава со книжевен превод од италијански, португалски, шпански и француски јазик. Сарџоска во своите настапи соединува и други уметности како сликање и пеење.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top