Наташа Сарџоска поет, писател, преведувач и толкувач (италијански, француски, англиски, португалски, каталонски и шпански јазик) ја објави својата четврта збирка поезија „Жива Вода“ со издавачката куќа Макавеј, додека пак нејзината поетска книга „Кожа“ е преведена и објавена на италијански јазик во рамки на програмата на Европската Унија Версополис во издание на издавачката куќа Либеро Ди Скривере во Џенова, каде што Наташа годинава гостува како поет од Македонија. Имено, Меѓународниот фестивал за поезија во Џенова е првиот и воедно најголемиот фестивал за поезија во Италија.
Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје на катедрата за романски јазици – италијански јазик и книжевност со француски јазик и компаративна книжевност. Магистрирала на Новиот Универзитет во Лисабон, на Универзитетот во Перпињан и Бергамо, а докторирала антропологија на Карлс Еберхард во Тубинген, Германија и на Универзитетот во Бергамо, Италија, со студиски престој на Сорбона во Париз, Франција.
Ги објавила поетските книги Сината соба, Кожа, Тој ме повлече со невидлив конец и Жива вода, а нејзината поезија е препеана на италијански, англиски и српски јазик. Застапена е во неколку антологии на поезија на македонски јазик, меѓу кои и Антологијата на еротска поезија.
Работи како истражувач во Центарот за напредни студии за Југоисточна Европа во Ријека. Предавала и на меѓународниот Универзитет Шилер во Хајделберг во Германија. Нејзиниот престој во Скопје го искористивме за разговор…
Оваа година излезе и Вашата четврта збирка поезија „Жива вода„ и преводот на Вашата книга „Кожа“ на италијански јазик. Што значат за Вас насловите? На кои јазици е преведена Вашата поезија?
-„Кожа“ е збирка поезија што ја напишав после речиси 10 години непишување. Не сакав да се занимавам со тоа. Иако мојата професорка по филозофија, Јулијана Јолевска, тогаш во средното училиште „Орце Николов“ ми рече никогаш да не се откажам од пишувањето, сепак поради едно непријатно соочување околу лектурата на мојот превод на Табуки, решив да се оддалечам од тој свет, кој ми се виде обременет со суета, и чудни борби за моќ, за награди, за позиции, за ставови. Но, еден дождлив есенски ден во Штутгарт, каде што живеев, во 2011, ја напишав поезијата токму со наслов токму „Кожа“ и она што е интересно е дека ја напишав во еден здив. Првите стихови по повеќе од 10 години пауза. Не бев сигурна дека е добра. Му ја пратив на, денес покојниот, Игор Исаковски, и тој ми рече дека е совршена. Тоа ми даде сила и верување дека треба да продолжам. Таа поезија остана таква. Никогаш повеќе од тогаш не ја сменив (што често ни се случува нам поетите, да ги менуваме своите творби). Воедно, е и најпреведуваната песна. Оттаму доаѓа и насловот и концептот на таа книга, којашто ја посветив „на сите мои домови, на сите оние места каде што оставув парчиња од мојата кожа.“
Насловот „Жива вода“ има две значења: едното е она симболично што го знаеме кога велиме дека од умор, од егзалтација сме „жива вода“, а другото има духовно, иницијациско значење; жива вода е извор животворен, егзалтација од телесна жега, волшебна моќ, внатрешен вознес, чудотворна и лековита, исцелителна и оживувачка. Имено, жива вода се спомнува и во Библијата, така што насловот има повеќеслојно значење, алузивност, мистичност. Со мојата книга сакав да покажам дека како и раѓањето така и замирањето на една љубов носи слобода на душата, и дека и обата процеса се надвор од нашата разумна моќ и контрола. Книгата, инаку поделена во четири циклуси, песни на разделбата, на препознавањето, на прифаќањето и на слободата, настана како еден болен крик на соочување со завршувањето на една сложена и тешка, невозможна љубов.
Бодлер вели дека е среќен оној што со моќни крилја може да се вивне кон светлите и ведри полиња и да го разбере, без напор, јазикот на немите нешта. Тоа ни го овозможува поезијата. Во таа смисла, пишувањето поезија е дел од животот и тоа го сведочите и со начинот на којшто живеете.
Мислам дека доколку не сте искрен со самиот себеси, не можете да пишувате поезија, и немате ни потреба, зашто нема да допрете до никого. Ако не пишувате искрено, верни кон самите себеси, од длабоките меандри на вашето срце, вашите стихови ќе бидат „бакар што ѕвони, и кимвал што звечи“. Само од своето срце можете да стигнете до срцето на Другиот.
Сте живееле во многу градови, но, кој оставил најголем впечаток врз развојот на Вашата личност?
-Да, во Лисабон, Милано, Штутгарт, Бергамо, Перпињан, Париз, Брисел, Хајделберг, Белград. Сега Риека. Најмногу ме смени Париз, поради слободата на живеење, слободата на мисла, на дух. Тоа не сум го запознала порано, во Скопје. А во Лисабон бев најсреќна затоа што тоа е град каде што можеш да бидеш тажен кога си среќен, и среќен кога и тажен.
Што претставува поезијата, воопшто книжевноста за Вас?
-Излез. Егзил. Прозорец кон други хоризонти. Густ, јак, силен чин на слобода. Како што вели Кундера „романите се населени со експериментални сопства во кои би можеле да се претвориме и што би можеле ние да станеме“, така и во процесот на читање пронаѓаме повеќе „јас“, наоѓаме простор во којшто стануваме ние – ние. За мене првата средба со книжевноста е кога ја прочитав за прв пат „Малата Фадета“ од Жорж Санд и „Пинокио“ од Карло Колоди (тие книги беа лектира во тоа време, во Југославија) и тогаш, тие четива ме расплакаа, па така, го осознав болниот влез во светот на возрасните којшто е и свет на лагата, свет на симулакрумот; се сеќавате колку плаче Пинокио кога, откако лисицата и мачорот му велат дека ако им ги даде златните парички и тие ги закопаат во нивата, следниот ден Пинокио ќе најде грно полно со златни грошеви, на нивата не наоѓа ништо, ниту еден грош? Неговата тага е универзална тага. Тагата на човечката измама. Тагата што сите ние добро ја познаваме. Ете тоа е придовиката на книжевноста, катарзата аристотелова, универзалните вредности на човештвото, наспроти деталите и тривијалноста на грубото секојдневие. Пинокио е мојот Мал принц
Кои се Вашите омилени автори? Кои книги сте ги прочитале повеќе од 3 пати?
-Моите омилени поети се бездруго италијанските херметичари Унгарети, Квазимодо, Саба, Монтале, Сангвинети, Луци и француските надреалисти, особено Гијом Аполинер, Рене Шар. Ми се допаѓа Васко Попа, Игор Исаковски, Вислава Шимборска, Фернандо Песоа. Ја сакам и чудесната поезија на Салвадор Дали. Најмногу ги сакам Пол Валери и Стефан Маларме. Според мене тие се најдобрите поети што некогаш се родиле, од кои се учи поетската вештина!
Моите омилени писатели се речиси сите од Аргентина: Борхес, Кортазар, Сабато. Се разбира Ман, Музил, Џојс. Колет, Маргарет Јурсенар, Франсоаз Саган. Учам бескрајно кога го читам Жорж Батај.
Но, се прашувам дали повторно ќе се родат такви големи книжевни умови? Денес сме сè почесто соочени со писатели кои пишуваат за награди, или по нарачка, или по рецепт, на теми кои не им се својствени ни природни, кои пишуваат само за да бидат продавани или по секоја цена читани од поширок дел на читателската публика. Да кажеме дека постои еден бран на теми, еден вид рамка, во кој мора да останете инаку никој нема да ве објави. Тоа е за жал честа појава во малите книжевни средини со мала книжевна публика.
Ми се допаѓа Вашето прашање околу повторното читање на книгите. Маргарет Дурас ја носам секогаш со мене кога патувам, како дел од моите лични нешта. Но, најмногу сакам да го читам Паскал Кињар одново и одново и секогаш поинаку да го доживувам!
Што значи за вас книжевниот превод?
-Хирушка интервенција речиси. Соочување со туѓа анатомија. Откривање на незапишана географија. Повторно создавање на делото, секако. Она што е интересно, за разлика од она што се учи, или вели, е дека за мене предизвикот и возбудата да преведам едно дело, без притоа да ја прочитам однапред книгата, е поголем. Нивото на адреналин расте. Соочувањето е брутално, искрено, автентично. Книжевниот превод за мене е исклучително одговорна работа. Практично, вие сте исправени пред задачата да пренесете, не само текст, туку цел еден универзум на вашиот мајчин јазик. И тоа не секогаш е лесно. Вие кога преведувате, како што укажува и самата латинска етимологија, често вршите предавство, но, и пренесувате некаква содржина од еден простор на друг. Тоа е преводот. При самиот пренос, патем се случуваат живи процеси, ферментации, мутации. Но, сепак, она што е важно е дека преведувачот мора да го знае времето во кое тоа дело настанало, живописот и стилот на авторот, но, да познава идиолекти, сленг, жаргони, културолошки емблеми, стилски варијации, примеси од други жанрови (на пример боите: во некои земји виолетовата боја е табу, или зелената, па затоа морате да ги адаптирате значењата; или цвеќињата: некои цвеќиња некаде се носат на празник некаде на погреб и т.н.) и да умее да се нурне без задршка, смело и втренчено во организмот кој пулсира токму во неговото „перо“.
Кои автори сте ги превеле на македонски јазик?
-Од италијански јазик Карло Колоди (Пинокио), Пјер Паоло Пазолини (Теорема), Алесандро Барико (Одбрани раскази), Дино Буцати (Избор раскази), Стефано Бени (Одбрани раскази), Антонио Табуки (Индиско ноктурно; Конецот на хоризонотот; Жената од Порто Пим), Фабрицио Гандини (Кривично право на Европската Унија), Џозуе Кардучи (Избор на поезија), Марио Луци (Избор поезија), Алесандро Пиперино (Огнот пријател на спомените), Џезуалдо Буфалино (Лагите на ноќта), Гиљелмо Пјетрони (Смртта на реката) како и разна литература за деца (сказни, бајки, сликовници), а од португалски јазик: Гонсало Тавареш (Ерусалим), Жозе Сарамаго (Годината на смртта на Рикардо Реиш; Сеќавањата од манастирот; Патувањето на слонот), Педро Гиљерме Мореира (Утрото на светот), Марио Де Са Карнеиро (Исповедта на Лусио; Небо во оган), Миа Коуто (Месечарска земја), Луис де Камоиш (Избор на поезија; Лузитанци), Марио де Карваљо (Вагабонтски приказни), Теофило Брага (Фантастични раскази) и Фернандо Песоа (Избор поезија). Препејувам често и за Струшките вечери на поезија. Сум превела и расказ од Вилма Ареаш, се вика „Ромео и Јулија на кров“, од бразилски на француски јазик, којшто е објавен Франција.
Особени значајни преводи за мене се Пазолини (во издание на Дијалог) и Сарамаго – со кого сум родена на ист датум – (во издание на Блесок, Антолог и Три), но, и Карнеиро (во издание на Бегемот), поради тежината, густината, сложеноста и херметичноста на нарацијата. Кога ги преведував овие писатели, мислам дека со денови не излегував од дома. Сега го преведов и португалскиот писател Бруно Виејра Амарал кој гостуваше и во Скопје благодарение на издавачката куќа Или-Или: неговата книга „Првобитните нешта“ е посебна, говори за постколонијални теми, прустовско оживување на меморијата, симфонија на малите луѓе, на малите нешта. Ја препорачувам!
Во моментов живеете во Риека. Кој е поводот?
-Работам како истражувач во Центарот за напредни студии за Југоисточна Европа на Универзитетот во Ријека. Ме радува тоа што Риека ќе биде Европска престолнина на културата 2020 и во таа смисла вклучена сум во низа проекти за истражување на можности за заживување на напуштените гранични подрачја и нивна урбана реконфигурација или трансформација. Риека е чудесен град, град на урбани палимпсести и спомени, некогашна граница меѓу Италија и Југославија, кој денес вибрира со над 20 култури и малцинства што во тука живеат.
Освен тоа, гостував како поет и преведувач од Македонија, на трибина посветена на читањето во Градската библиотека, којшто ја водеше книжевната теоретичарка и асистентка на Славенка Дракулиќ, Марија От Франолиќ и како предавач на научната конференција за граници во организација на Францускиот институт од Загреб.
Фото: Хани Арбид и Ирена Мила
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Поезија од Јовица Тасевски Етернијан објавена на српски јазик
-
„Антолог“ објави два историски романи од исландски автори: „Сага за Јон“ и „Солзите на ангелите“
-
„Прозарт Медиа“ објави дела од врвни аргентински автори: „Разузнавачки извештаи“ и „Свињите“ на македонски јазик
-
Туристите збунети, Грците се изгубија во преводот на таблите (Фото)