| четврток, 6 декември 2018 |

Кривичен суд: 30 дена притвор за 13 лица, шестмина во куќен притвор!

Кривичниот суд преку соопштение до јавноста информираше за мерките кои судија на претходна постапка ги одреди по вчерашното апсење поврзано со настаните од 27 април, каде пратеници, уметници, актери се товарат за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

-Постапувајќи по предлог на ОЈО за организиран криминал и корупција за определување мерка притвор, пред судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје во текот на вчерашниот ден беа спроведени 24 лица, за кои по нивно произнесување во однос на предлогот на обвинителството, донесени се решенија, информираат од Судот.

Триесет дена притвор им е одреден на М.Ч., О.П., И.Д., М.П., О.Р., Г.А., В.Т., Д.Л., И.Ц., Б.И., Ј.Ч., И.С., и В.М., додека мерка куќен притвор им е одреден на С.М., Г.Ѓ., М.П., Е.Д.Б., Б.Д., В.Ј.

Против овие неправосилни решенија, странките имаат право на жалба до Кривичниот совет на овој суд во рок од 24 часа по приемот на решенијата.

-За лицата кои се опфатени во предлогот, а во моментот извршуваат функција Пратеник во Собрание на Р.М., судијата на претходна постапка ќе пристапи кон одлучување по предлогот на обвинителството откако ќе биде одлучено по барањето на судот испратено до Претседателот на Собранието на Р.М., додека за останатите лица кои се опфатени во предлогот, а не беа спроведени пред судијата на претходна постапка, судот сеуште нема добиено известие за причините поради кои не е постапено по наредбите за нивно приведување, стои во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top