| четврток, 6 декември 2018 |

Кога ЈП Водовод и канализација „именува“ улици: Шутка доби улица по српска пејачка (фото)

Од Јавното претпријатие Водовод и Канализација Скопје попладнево преку својот Фејсбук профил објавиле соопштение дека еден крак од улици во скопската општина Шуто Оризари ќе остане без вода. Сепак, како што може да се види на фотографијата, тие успеале улицата именувана по некогашната индиска премиерка Индира Ганди да ја преименуваат во Инди Раганди.

Во Водовод изгледа здраво за готово си ја сфатиле народната дека водата пере сè, па ќе го испере и срамот што јавното претпријатие не успеало да ангажира некој пописмен да му ја ажурира страницата на Фејсбук. Скопјани ги следат објавите на Водовод, а „славата“ особено му порасна по сушата во Аеродром летоска, кога високата зона во општината речиси секој ден немаше вода.

Така, острото око на скопјани го откри и срамот на јавното претпријатие. На социјалните мрежи се коментираше многу, а во лавината коментари имаше и такви дека некој добро се средил викендов, па ја прекрстил улицата во улица на српската фолк пејачка Инди.

И два часа по објавата, во Водовод нема кој да ја поправи грешката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top