| четврток, 6 декември 2018 |

Фајненшл тајмс откри голем скандал – „Епл“ експлоатира кинески средношколци

Компанијата „Епл“ призна дека ученици од кинески стручни училишта работеле на производство на делови за Ајфон во фабрика на „Фокскон“, и тоа многу подолго отколку што е дозволено.

Признанието уследи откако „Фајненшл тајмс“ претходно објави дека 3.000 студенти од кинескиот град Женгжу работат до 11 часа дневно за тајванската компанија „Фокскон“, иако, според кинескиот закон, дозволено е до 40 часа неделно.

Весникот наведува дека новинарите разговарале со ученици од стручни училишта на возраст од 18 и 19 години, кои изјавиле дека училиштето ги принудило да одат на пракса во „Фокскон“. Наводно, им била кажано дека мора да стекнат работно искуство, инаку нема да добијат диплома.

– Училиштето не принуди да работиме тука, изјавила за „Фајненшл тајмс“ 18-годишна девојка, која учи за персонал на воз. Работата во фабриката нема никаква врска со нејзиното образование, затоа што секојдневно инсталирала до 1.200 камери за новиот Ајфон Икс.

Училиштето одбило да го коментира случајот. Според „Фајненшл тајмс“, фабриката во Женгжу секоја година од август до декември, вработува илјадници ученици и студенти. Бројот на вработени во тоа време се зголемува од 100.000 до дури 300.000. Оваа година потребите биле уште поголеми. Покрај „Епл“, „Фокскон“ исто така инсталира уреди за други компании, како што се „Сони“, „Мајкрософт“ и „Самсунг“.

„Фокскон“ тврди дека праксата е договорена со локалните власти и неколку стручни училишта, а Епл нагласува дека учениците доброволно се пријавиле за работа и биле платени за прекувремена работа. Тие сепак не смееле да работат толку многу часови, така што во иднина тоа повеќе нема да се случи, соопшти „Епл“.

Ова не е првпат „Епл“ и неговите снабдувачи да бидат обвинети за вработување на деца. За „Фокскон“ кусо време работеле 25.000 ученици уште во 2010 година, а слични обвиненија имаше и во 2013 година. Во средината на ноември Амнести интернешнл го обвини „Епл“ и другите производители дека профитираат од детски труд во Конго.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top