| четврток, 6 декември 2018 |

Во Италија ќе се доделува награда во чест на Анте Попоски

Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“) од оваа година за прв пат го распишува конкурсот за најдобра поетска творба во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски – „Антево слово“.

На конкурсот можат да учествуваат поети од Македонија кои ќе испратат една своја необјавена песна на e-mail адресата: antevoslovo@gmail.com на македонски и италијански или англиски јазик. Со учеството на овој конкурс истите ќе можат да бидат дел од авторите кои конкурираат за носечката награда на манифестацијата „Парнас – награда на Анџело Ла Векија“. Поезијата може да се испраќа до 15 декември 2017 година.

Ова е прва година наградата „Антево слово“ да биде конституирана како дел од оваа меѓународна манифестација која се одржува секоја година во градот Каникати во Сицилија, Италија, а воедно и прва од ваков вид која се доделува за македонски автор надвор од нашата држава.

Претставниците на манифестацијата велат дека конкурсот за поезија „Парнас – награда на Анџело Ла Векија“ е создаден со цел да се прослави и овековечи, преку „Возвишена поезија“, духот, душата, суштината и есенцијата на животот во Каникатската секуларна академија на Парнас. Најмногу пријавени поети има од Италија, но меѓу учесниците има поети од цела Европа, Балканот и пошироко.

-Во апстрактниот простор – време што се приближува неверојатно до сите луѓе без најмала разлика не само на пол, вера, националност, возраст, но, исто така и во своето постоење и непостоење, поезијата успева да биде ’медиум’ во ’континуитет’ помеѓу земјата и небото, помеѓу телото и душата, меѓу прагматизмот и утопијата. Целта на овој конкурс е да се шири културата на чувства, емоции, страсти, знаење во текот на целиот живот и реализирање на ’експресивната слобода’ која е од суштинско значење и привилегија за секој современ општествено ангажиран човек, изјавува Митко Гогов од здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“, кој во соработка со фамилијата на Анте Поповски и меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ ја востановува оваа награда за прв пат.

Сите пријавени учесници ќе имаат можност да влезат во конкуренција за двете награди, носечката награда „Анџело Ла Векија“, награда која е именувана по проф. Анџело Ла Векија (Angelo La Vecchia), познат во Сицилија и на територијата на Италија со неговата работа како поет, драмски писател, историчар и професор и наградата „Антево слово“ која ќе се доделува во чест на Анте Поповски, познатиот македонски поет, есеист, препејувач и публицист.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top