Деновиве во клонот на градинката „Орце Никлов” во Карпош 2 е регистрирана појава на вироза предизвикана од коксаки тип А вирусот, информираа од општина Карпош.
Вирозата за прв пат е констатирана во понеделникот кај две дечиња од јасли (возраст од 0 до 8 месеци), а во вторникот се пријавени уште 3 случаеви, кај две деца од јасли и едно во групата до 3 години, додека вчера и денеска (среда и четврток) нема појава на ниту еден случај со ваква вироза.
-Од страна на Општина Карпош и директорката на градинката веднаш е информирани Центарот за јавно здравје, од каде дојде стручен тим, како и Санитарната инспекција по што е направен увид и записник. Констатиорано е дека не станува збор за алармантна состојба и дека се испочитувани сите мерки пропишани со протокол за одржување на санитарно-хигиенска состојба. По увидот, постапено е по сите дадени упатства, односно преземени се сите мерки за целосна дезинфекција на објектот – детската градинка. Превентивно беа повлечени и децата од групата јасли, меѓутоа нивното згрижувањето и натаму продолжува без никаков проблем – соопштија од општината.
Со цел за благовремено информирање на родителите , велат оттаму, денеска во 16.30 часот ќе се одржи состанок со стручните лица за хигиенска заштита и со лекарскиот тим кој е постојано лоциран во оваа детска установа, за да им се укаже на тоа за каков вид на вироза станува збор и за превентивните мерки кои градинката постојано ги прави, но и за мерките за хигиена кои треба да се почитуваат и дома.
Увид во градинката по повод овој случај, направи и градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, заедно со својот тим и стручни лица од Општината и од градинката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.